ДУИ обвинува дека власта систематски ги исклучува Албанците од структурите на редот и безбедноста, откако, според партијата, од 310 примени кандидати во средното полициско училиште, само 11 отсто се припадници на немнозинските заедници.
Од ДУИ велат дека учеството на Албанците меѓу примените кандидати е помало од три отсто, поради што бараат конкурсот да биде повторен и да се почитува принципот на правична и соодветна застапеност на сите заедници.
„Истовремено, бараме во структурите на полицијата, редот и безбедноста да се воспостават јасни, мерливи и задолжителни механизми за правична и соодветна застапеност, од регрутирањето до раководните позиции. Не може да се дозволи она што се градеше со години да биде поништено за само две години и Албанците да бидат сведени на институционален декор“, велат од ДУИ.
Инаку МВР вчера ја објави конечната листа на примени 310 ученици во Средното полициско училиште „7 Мај“ кое се враќа по 26 години во Македонија. Според надлежните, сите ученици мораа да поминат 4 фази, земена предвид била висината а и со секое дете поединечно се правело интервју.
Објавена конечната ранг-листа за Средното полициско училиште „7-ми Мај“