Македонија Колумни

„Европарламентарната гора“ ќе се „стресе“ и „декларациско глувче“ ќе се роди, без македонски идентитет и јазик – па што?!

Пишува Свето Тоевски: На 8 јули 2025 година на пленарна седница Европскиот парламент ќе расправа за предлог-извештајот на Австриецот Томас Вајц за евроинтеграцијата на Македонија. Бугарија и Грција успеаја „санитетски“ да го „прочистат“ овој документ од македонскиот идентитет и јазик, за да не ги фати отпосле „македонска идентитетска треска“, или за да не се соочат […]

Пишува Свето Тоевски: На 8 јули 2025 година на пленарна седница Европскиот парламент ќе расправа за предлог-извештајот на Австриецот Томас Вајц за евроинтеграцијата на Македонија. Бугарија и Грција успеаја „санитетски“ да го „прочистат“ овој документ од македонскиот идентитет и јазик, за да не ги фати отпосле „македонска идентитетска треска“, или за да не се соочат Софија и Атина со опасност „Бугарскиот“ и „Преспанскиот договор“ да почнат да им се уриваат. Затоа што македонски јазик и идентитет така ќе здобиеја меѓународен, во случајов европски печат на признавање на македонскиот народ и неговата етничка, идентитетска и јазична засебност.

Но, декларациите и резолуциите на Европскиот парламент имаат само необврзувачки карактер, тие немаат сила и третман на задолжителен документ. Ионака највисокото бугарско политичко раководство веќе порача дека нема да го „есапат“ документот, кој ќе го усвои Европскиот парламент. Ова значи дека „европарламентарната гора“ ќе се „стресе“ и „декларациско глувче“ ќе се роди, без македонски идентитет и јазик! Ама, па што дека?!  

Резолуцијата, или декларацијата на Европскиот парламент ќе претставува нов еден европски притисок врз Македонија да ги спроведе уставните промени. Ова, секако, не е момент, кој може да се игнорира. Тоа сепак ќе значи дека Македонија постапно завлегува  во една уште посложена и поделикатна меѓународна ситуација, поврзано со нејзината европска интеграција. Прашање е на македонското државно-политичко раководство и поодделно на дипломатијата како ќе постапуваат во оваа ситуација кога се намалува маневарскиот простор за Македонија.

Уште на 26 септември 2025 година претседателот на Владата на Македонија Христијан Мицкоски јасно порача: „Оваа влада нема да прифаќа услови, кои бараат национални и идентитетски отстапки. За мене ова е диктат, ако е ова условот за Македонија да продолжи да преговара тогаш тоа го реков и во Брисел – не, благодарам.“

Што може да се прави во даденава ситуација? „Европарламентарната гора“ ќе се „стресе“ и „резолуциско-декларациско глувче“ ќе донесе, но тој акт на Европскиот парламент ќе ѝ се предочува на Македонија како да е „слон“! За Бугарија, Грција, други држави може да биде правно необврзувачки документ, ама не и за Македонија! Затоа, на документот на Европскиот парламент, кој ќе призлезе од предлог-извештајот на Вајц ќе може и ќе мора да му се парира, да му се одговори со соодветна широко прифатена и поддржана резолуција на Собранието на Република Македонија дека се отфрлаат какви било завлегувања и менувања на идентитетскиот комплекс на македонскиот народ во замена за отворање на преговорите и за влез во ЕУ.

Многу ќе биде важно во претстојниов период да им се каже и укаже на Европејците категорично и енергично, проактивно, дека не се работи за „нечии партиски предизборни маркетинзи спроти локалните избори“, па ете од такви причини се одбива  промена на Уставот. Не, на оваа политичка Европа, олицетворена во ЕУ, треба да ѝ се предочи со македонски државен документ, во името на македонскиот народ и другите македонски граѓани, дека се соочува во нивно име со одбивање да се изврши нова „фризура“ врз највисокиот правно-политички акт на државата и „инженеринг“ врз македонскиот идентитетско-историски комплекс. 

Со таа Резолуција на Собранието на Република Македонија како соодветна алатка ќе мора од нови позиции да се лобира и низ Европа, и низ светските меридијани, заради ширење на македонската вистина, која мора да победи во однос на „бугарската вистина“! Но, авторот на овие редови чувствува потреба да посочи и на уште на три моменти, Прво, треба да ѝ се посочи на ЕУ во споменатата Резолуција на македонското Собрание дека Македонија околу своето евроинтегрирање инсистира на примена само на Копенхагенските критериуми, без придодавање какви било дополнителни услови во вид на „решени добрососедски спорови“, односно на спорот кој сама си го има Бугарија со Македонија и постоењето на македонскиот народ, а не дека Македонија има некаков свој спор со Бугарија.  

Марта Кос како еврокомесарка ѝ порача на Македонија: „Само промена на уставот, ништо помалку и ништо повеќе!“ Македонија ќе треба со своја државна Резолуција да им возврати на Кос и на ЕУ: Само примена на Копенхагенските критериуми, ништо поинаку, ништо помалку и ништо повеќе!“ Па да видиме дали било навистина толку важно Македонија да станела членка на елитниот европски клуб, или има во заднината и некои други „мрачни“ цели зад притисокот да се смени уставот, за за се отпочнат преговорите со ЕУ…

Вторo, потребно е со споменатата резолуција на Собранието да се иницира градење вистински добрососедски односи со сите во Балканот, а посебно со Бугарија и Грција. Што ќе значи постапно суспендирање на двата „добрососедски акта“. Дали е ова воопшто можно? Минатиот месец високиот американски дипломат Кристофер Хил веќе ја пренесе пораката на администрацијата на претседателот Доналд Трамп: „Државите во Балканот треба отсега натаму самите да си ги решаваат своите проблеми меѓу себе, без да очекуваат Америка дека ќе им помага.“ Значи, Македонија треба да започне самоницијативно да се обидува да гради поинаква клима во Балканот, самата да си ја подобрува својата ситуација. Дали Бугарите, дали Грците или другите би прифатиле искрено поддадена македонска рака , заради градење нови односи на уважување, признавање, почитување и соработка – тоа е сосема друго прашање. Првиот чекор треба да се направи од наша страна.

Сега за третиот момент. На 13 јуни 2025 година во колумна со наслов „Правна дилема: Дали Османи и Димитров имале овластување да потпишуваат протоколи со Бугарија во врска со францускиот предлог?“, професорот д-р Јове Кекеновски напиша: „Владата и Собранието мораат да одговорат на следните прашања: Дали постои конкретна одлука на Владата за овластување на министрите да потпишат обврзувачки протоколи? Дали Собранието било консултирано, или го одобрило потпишувањето на овие протоколи? Врз основа на кој правен акт министрите ги потпишале протоколите? Ако се утврди дека министрите немале соодветно овластување за потпишување на протоколите, тогаш следуваат сериозни правни постапки. Правната логика на уставниот поредок бара: Уставниот суд да ја испита уставноста и законитоста на постапката; Јавното обвинителство да провери евентуална злоупотреба на службена положба, Собранието да расправа за последиците врз државната обврзаност и меѓународната позиција на државата“.

Со други зборови, Владата на Република Македонија може и мора да си отвори маневарски простор во натамошните постапки во однос на Брисел и Софија со преиспитување на уставноста и законитоста на „вториот протокол“, но следователно и на самата „преговарачка рамка“ и „францускиот предлог“. Со оглед на меѓународните норми и особено врховниот принцип јус когенс, кој забранува какво било гибање во идентитетски комплекс на кој било народ, па и на македонскиот народ, не може да има никакви сомневања дека сите „добрососедски акти“ со Бугарија, вклучително и со Грција, се од домашен и меѓународен аспект илегални, ништовни и криминални.

После утрешната седница на Европскиот парламент ќе треба да се затресе и Македонската гора и тоа навистина! Да донесе Резолуција и тоа не „глувче“, туку акт, кој ќе означи, кажано со речникот на генијалниот македонски поет Гане Тодоровски, почеток на македонствување! Македонскиот идентитет и јазик не се „крпа“, со која ќе можат бугарските европарламентарци  и нивните европски спомагатели да ги „бришат“ подот и клупите на оваа европска институција. Македонскиот идентитет и јазик не зависат од никакви акти на Европскиот парламент. Тие се градени низ илјадалетијата на постоењето на македонскиот народ и не можат да се „продаваат“ во замена за влез во ЕУ. Македонскиот идентитет и јазик мора да бидат заштитени по секоја цена и тргнати настрана од евроинтегрирањето. Ако е воопшто можно евроинтегрирање.

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена објективна политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ставови на која било политичка партија, ниту со уредувачка ориентација на ниеден медиум од Република Македонија. Ставовите на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“)

 

 

Најнови вести од: Македонија Колумни

Мицкоски: Кичево има историска можност да избере градоначалник на соживотот, кој не прашува „чиј си“, туку „што можеме да направиме заедно“!

„Ние, како како Влада, ќе го помагаме Кичево максимално, да го подобри животот на сите негови граѓани. И тука нема етничка приказна, туку сосема човечка димензија. Ова не е повик за етничко гласање, туку за гласање за човек, за човек Македонец со сопруга Албанка, кои се пример за вредности и сила, човек кој ќе работи за сите, за своите кичевчани!“ – порача претседателот на Владата на Република Македонија и лидер на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски од митингот вчеравечер пред платото на Филхармонијата во Скопје.

Здружението на косовската УЧК ќе одржи во декември „мирен протест во Скопје на Албанците“ против судењето во Хаг на нејзините водачи

„Ќе одржиме мирен протест и во Македонија, бидејќи таму ги имаме нашите браќа-Албанци.“ – изјави претседателот на „Организацијата на воени ветерани“ на косовската УЧК Хисни Гуцати, најавувајќи го протестот во македонската метропола против судењето во Хашкиот трибунал на четворицата некогашни водачи на поранешната „Национална ослободителна армија“ – УЧК од Косово.

Мицкоски: Државава е веќе консолидирана по затекнатиот распад и пустошот! По изборите следат жестока работа и големи резултати!

„Го расклопија системот парче по парче, како да бил нивни личен имот. Но ние сега градиме систем, што во иднина ќе функционира без оглед на тоа кој е на власт, долгорочно и со коренити промени, затоа што државата не е ничија приватна фирма, туку наш заеднички дом.“ – рече премиерот на Република Македонија и лидер на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски на завршниот митинг во Скопје пред гласањето за вториот круг на локалните избори в недела.

(Фото): Управниот одбор на „Комуналец“ Скопје, ја разобличи манипулацијата на Данела Арсовска

Би сакале да ве потсетиме и дека во текот на изминатите четири години токму вие именувавте пет в.д. директори на ЈП Комунална хигиена – Скопје и разрешивте четири од нив, стои во документот на УО, насловен како „Итна ургенција“, а кој беше испратен до медиумите.

Ѓорѓиевски до Мециновиќ: Дополнитени часови по локална самоуправа ќе држам по победата на изборите

Евидентно е ниското ниво на политичка култура, но и присутната безидејност и недостигот на планови кај кандидатот Амар Мециновиќ, што значи дека секоја следна дебата не би била натпревар и судир на концепти

Најнови вести

To top