Македонија

(Фото): Ресторан на нива, одморалиште без дозвола, градинка без пат – ревизијата утврди серија пропусти во Свети Николе

Утврдени слабости во евидентирањето на имотот, неевидентирано земјиште, несоодветно книжење на инвестициите по нивното завршување, непостоење материјална евиденција при прием и издавање материјали, како и слабости во спроведувањето на пописот на средствата и обврските. Државниот завод за ревизија даде препораки за надминување на утврдените состојби и преземање мерки од страна на надлежните институции и одговорните лица.

Државниот завод за ревизија утврди серија нерегуларности во работењето на Општина Свети Николе за 2024 година поради што изрази неповолно мислење за реалноста и за објективноста на финансиските извештаи, како и за усогласеноста со законската регулатива и воспоставените политики.

Според ревизијата, Општината со несоодветно постапување овозможила бесправно изградени објекти на земјоделско земјиште да вршат дејност. Од вкупно 110 барања за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, 79 не биле доставени до надлежното министерство за добивање согласност, а за некои од нив не бил извршен ни увид на самото место.

Ревизорите утврдуваат дека за објект на земјоделско земјиште со катастарска култура „нива“, за кое барање било поднесено уште во 2017 година, не е спроведен увид, ниту е побарана согласност од надлежното министерство. Иако објектот извршувал угостителска дејност, контролата на МВР и ДЗС во април 2025 година резултирала со решение за забрана за користење.

Дополнително, во 2024 година одобренија за поставување урбана опрема биле издадени само за три објекти, а другите угостителски објекти користеле јавна површина без одобрение и без уплатена комунална такса. Општината нема донесено годишна програма за поставување привремени објекти, ниту издадени одобренија за нивно поставување.

Ревизијата нотира и дека Општината не остварува приходи по основ на комунални такси за користење музика во јавни локали, реклами и огласи, а нема ни програма за туристичка пропаганда. Нема воспоставен зелен катастар, нема стратегија и годишна програма за зеленило, ниту приходи по основ на надомест за одржување градско зеленило.

Во однос на работењето на објектот „Детско одморалиште во Стар Дојран“, ревизијата утврдува дека Општината извршувала услуги за сместување, без согласност од надлежните институции, дека сметките се издавале без спецификација од фискална каса, а сместувачките капацитети биле застарени и руинирани.

Изградената детска градинка „Рахилка Гонева“ во село Ерџелија, вредна 437.154 евра, не е пуштена во употреба бидејќи не се обезбедени средства за пристапен пат од 793.821 евро и не е инсталирана потребната опрема за третман на вода за пиење.

Општината исто така има ненаплатени побарувања од 1.070.520 евра, резултат на непреземени мерки за наплата и неутврдена старосна структура на побарувањата. Побарувањата за одржување јавна чистота меѓу општината и ЈКП „Комуналец“ не се усогласени за 8.650.000 денари, а комуналното претпријатие нема уплатено 27.419.000 денари во буџетот на Општината.

Ревизорите нотираат дека некои од даночните обврзници со нов или дополнителен имот не се задолжени со данок на имот, а последното ажурирање на регистарот е направено во 2021 година.

Дополнително, утврдени се слабости во евидентирањето на имотот, неевидентирано земјиште, несоодветно книжење на инвестициите по нивното завршување, непостоење материјална евиденција при прием и издавање материјали, како и слабости во спроведувањето на пописот на средствата и обврските. Државниот завод за ревизија даде препораки за надминување на утврдените состојби и преземање мерки од страна на надлежните институции и одговорните лица.

Најнови вести од: Македонија

„17“, македонскиот игран филм, апсолутен победник на Сараевскиот филмски фестивал

Долгометражниот игран филм „17“ во режија на Косара Митиќ на 32. издание на Интернационалниот Филмски фестивал во Сараево освои вкупно четири награди со што испиша историја за македонската кинематографија на овој еминентен европски фестивал

Ангелов: Постојат индиции дека пожарот на Китка го потпалуваат злобници од користољубие или од одмазда

„Им порачувам на потпалувачите дека сите државни служби работат на откривање на нивниот идентитет и порано или подоцна ќе бидат изнесени пред лицето на правдата“, изјави денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување

Што ќе поскапи најмногу поради војната и климатските промени?!

Следниот инфлаторен удар можеби нема да дојде од бензинските пумпи, туку од полиците со леб, тестенини, масло и млечни производи. Војните, сушата и екстремните горештини создаваат комбинација што истовремено ја намалува понудата на земјоделски производи и ги зголемува трошоците за нивно производство. Токму затоа економистите сè погласно предупредуваат дека храната повторно може да стане еден многу скапа.

To top