Во Македонија денеска се одбележува 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, државен празник и неработен ден за сите граѓани.
Денот на македонската револуционерна борба, државен празник посветен на историските стремежи на македонскиот народ за слобода, самостојност и сопствена држава.
Датумот е поврзан со основањето на Македонската револуционерна организација во Солун, на 23 октомври 1893 година. Нејзиното создавање претставува значаен момент во организирањето на револуционерното движење и борбата за ослободување на Македонија од османлиската власт.
На тој ден во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов во Солун се собрале шестмина млади мажи за да ги ставаат основите на тоа, коешто ќе стане симбол и знаме на борбите на Македонците за слобода. Основоположниците биле: Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Aрсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев.
Тие основаат конспиративна група, нарекувајќи ја македонски револуционерен комитет. Организацијата се борела за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор.
Организацијата, која подоцна низ историјата дејствувала под различни имиња, имала важна улога во развојот на македонското револуционерно движење. Нејзината историја е поврзана со дејноста на бројни револуционери и со настани што оставиле длабока трага во колективната меморија, меѓу кои и Илинденското востание од 1903 година.
Одбележувањето на Денот на македонската револуционерна борба е посветен на сеќавањето на генерациите кои се залагале за политичка слобода и национално самоопределување. Нивните идеи и активности претставуваат дел од историскиот процес што довел до создавањето на современата македонска држава.
Празникот се одбележува со свечености, положување цвеќе пред спомениците на револуционерите и пригодни настани посветени на македонската историја. Тој е и повод за потсетување на значењето на историското наследство, како и на стремежите и жртвите на оние што се бореле за иднината на земјата.
Под мотото „Свои на своето“ во Македонскиот народен театар ќе се одржи свечена академија, а во Собранието ќе биде доделена државната награда „23 Октомври“.
На свечената академија што ќе се одржи точно напладне најавено е обраќање на премиерот Христијан Мицкоски.
23 Октомври е државен празник и неработен ден во Република Македонија, кога се оддава почит на македонската револуционерна традиција и на историските настани поврзани со борбата за слобода и самостојност.