Министерството за внатрешни работи потврди дека денеска на граничниот премин Делчево бил спроведен службен разговор со бабата на Ива Михаилова – жената обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици која избега во Бугарија. Од полицијата наведуваат дека разговорот траел два часа, по што таа непречено влегла во Македонија.
Реакцијата на МВР доаѓа откако Михаилова јавно обвини дека македонските служби незаконски ја задржале нејзината баба Илинка Кушовска, дека семејството со часови немало никакви информации за неа и дека станува збор за „државен тероризам“.
„Постапувајќи по насоки на надлежен јавен обвинител, на граничниот премин Делчево, на 10.11.2026. во временскиот период од 11:20 до 13:20 часот, со наведеното лице е извршен службен разговор. По завршувањето на разговорот, лицето непречено остварило влез на територијата на РСМ“, одговорија од МВР.
Претходно Михаилова на социјалните мрежи објави дека нејзината баба била „незаконски киднапирана од службите на Република Северна Македонија“. Тврдеше дека жената повеќе од седум часа била недостапна откако ја запреле при влез од Бугарија, дека прво не одговарала на повиците, а потоа телефонот ѝ бил исклучен.
„Последен пат разговарав со неа малку откако беше задржана на македонската граница кај Делчево; гласот ѝ трепереше од страв“, напиша Михаилова.
Таа истакна дека баба ѝ има речиси 70 години и е онколошки пациент, обвинувајќи ги службите за нехуман третман. Според неа, целта била да се добијат информации за нејзината местоположба и активности.
„Јас се наоѓам во болница во Софија и ако македонските служби толку многу сакаат информации за мене, можат директно да ме контактираат или да дојдат во Софија. Немам што да кријам“, додаде таа.
Михаилова јавно побара од министерот Панче Тошковски да објасни што се случувало и соопшти дека бугарската амбасада е известена. Постапувањето го нарече „државен тероризам“ и побара реакција од бугарските власти.
Според МВР, разговорот бил спроведен по насоки на надлежен јавен обвинител и завршил во 13:20 часот, по што жената слободно влегла во земјата. Полицијата не соопшти за какви околности се водел разговорот, ниту дали тој имал врска со бегството на Михаилова.