Македонија

Контроверзниот бугарски активист Стојанов со план за Македонија: Со продажба на маици и капи ќе финансирал медиуми и политичка партија

Стојанов тврди дека капиталот бил пречка

Бугарскиот активист Виктор Стојанов најавува нов начин на финансирање на активностите на неговата „Фондација Македонија“ во Македонија. Преку продажба на маици, блузони, капи и чаши со обележја на фондацијата, според неговите најави, треба да се обезбедат средства за функционирање и проширување на мрежа од медиуми во земјава.

Крајната цел, како што самиот Стојанов отворено наведува, е многу поширока од медиумско дејствување – создавање политичка партија на Бугарите во Македонија, која би учествувала на следните парламентарни избори.

Во видеообраќање, Стојанов објави дека веќе се продаваат маици со логото на „Фондација Македонија“ по цена од 20 евра. Во следниот период, според него, ќе бидат понудени и зимски блузони од 25 евра, порцелански чаши за кафе и чај од шест евра, како и капи.

Средствата, според неговите зборови, би се користеле за финансирање на медиумската мрежа во Македонија, за која се потребни најмалку 3.000 евра месечно.

„Имаме многу медиуми во  Македонија, сакаме уште, сакаме да им помогнеме на Бугарите таму да создадат своја силна политичка партија. Тоа е нашата стара цел од 2021 година, но немаме напредок во реализацијата поради бизнис-елитата во Македонија, а без бизнис и капитал тешко се прави партија. Но, сега имаме идеја како да ја реализираме партијата без бизнис, целта е да се учествува на следните парламентарни избори во Македонија“, вели Стојанов.

Тој притоа најавува дека политичката организација би имала амбиција да освои пратенички мандати, а во иднина нејзини претставници да имаат и министерски позиции.

Најавите доаѓаат во контекст на долгогодишните активности на Стојанов поврзани со бугарската политика кон Македонија и неговото дејствување преку „Фондација Македонија“. Дел од медиумските платформи кои се поврзуваат со оваа мрежа во периодов беа предмет на интерес на македонските институции, а за нивното функционирање и финансирање во јавноста беа отворени прашања. „Фокус“ објави дека истражните органи разгледуваат мрежа од околу 20 медиумски платформи и комуникациски канали кои се поврзуваат со фондацијата.

Според пишувањата на „Фокус“, дел од овие платформи објавуваат пробугарски содржини, а кај одредени медиуми недостасуваат јасни податоци за издавачот, импресумот или начинот на финансирање.

Стојанов воедно има забрана за влез во Македонија. Забраната му беше изречена во 2022 година, а тој во повеќе наврати јавно зборуваше за продолжувањето на мерката.

Неговото име во македонската јавност беше актуелно и поради неговите претходни активности поврзани со прашањето за бугарската идентификација во Македонија. Во 2023 година, Стојанов предизвика реакции со понуда за финансиска помош на македонски семејства кои би го промениле своето презиме, како дел од иницијатива која ја промовираше преку „Фондација Македонија“.

Дополнителен политички контекст доби и неговата средба со Рубин Земон, тогашен член на Извршниот одбор на СДСМ. Средбата беше објавена од „Фондација Македонија“, по што во јавноста следуваа реакции, а Земон поднесе оставка од функцијата во Извршниот одбор на СДСМ.

Со најновите најави, Стојанов директно го поврзува медиумското дејствување со политичко организирање. Продажбата на производи со логото на фондацијата, според неговиот план, треба да обезбеди средства за медиумска мрежа, додека таа мрежа би претставувала дел од пошироката структура насочена кон создавање политичка партија на Бугарите во Македонија.

Целта, според самиот Стојанов, е оваа политичка организација да се појави на парламентарните избори во 2028 година и да се обиде да обезбеди пратенички мандати и учество во извршната власт.

Најнови вести од: Македонија

Наумовски: Победата на опозицискиот претседателски кандидат во Бугарија води до предвремени парламентарни избори

-Според некои анализи, тие имаат изгубено можеби две третини од гласовите од парламентарните избори и, според мене, тоа е прв показател дека поддршката која ја имаше Радев на парламентарните избори веќе е значително намалена. Се покажува дека релативно комотната позиција која Радев ја имаше како претседател на државата е различна од состојбата која сега ја има да решава проблеми како премиер, рече Наумовски. По социјалните мрежи имаше една шега дека има низок одѕив на изборите во Бугарија затоа што сите бугарски возови заминале во Србија Ова во „Наткаст“ на „Курир“ го изјави Васко Наумовски, универзитетски професор и поранешен вицепремиер за евроинтеграции.

Мицкоски: Достигнат е БДП од 20 милијарди долари, целта е 22 милијарди! – Опозицијата би се радувала РМ да потоне во нивното политичко мочуриште!

Податоците на Државниот завод за статистика за конечните бројки за 2024 за растот на бруто домашниот производ и ревидираните бројки за 2025 се во нагорна линија од 3,8 отсто, со што Владата ја постгна поставената цел до крајот на мандатот номиналниот бруто домашен производ да биде 20 милијарди долари, сега цели кон 22 милијарди долари, информира денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Средба Муцунски-Клеин: Непрестаен развој на односите и одличната соработка меѓу Македонија и Унгарија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија Тимчо Муцунски денеска оствари средба со новоназначениот специјален пратеник на Министерството за надворешни работи на Унгарија за Западниот Балкан, амбасадорот Андраш Клеин.

Најнови вести

To top