Македонија

Македонија со подобрена позиција во поглед на индексот за корупција споредено со 2025

Во споредба со претходната година кога беше на 88 место, Македонија годинава се помести 4 места погоре. Во извештајот за 2025 година, објавен денеска, 10 февруари, македонската држава доби 40 поени. На индексот за корупција на Транспаренси Интернешенел од 182 земји, кај кои е измерен Индексот на корупцијата, Транспаренси интернешенел ја рангира Македонија на 84 место.

Македонија има почетна точка од која работите треба да тргнат на подобро, изјави претседателот на Транспаренси интернешенел -Македонија Благоја Пандовски. „Формално се наоѓаме за четири места подобро на ранг-листата од минатата година: на 84 позиција. Ова подобрување покажува дека минатата година во борбата против корупцијата ни одело подобро споредено со 4 други држави“, вели Пандовски.

Клучните системски проблеми и понатаму остануваат неуспешните и недовршени реформи во судството и обвинителството, кои како што посочуваат од оваа организација, не успеваат да обезбедат ефикасен, независен и одговорен правосуден систем. 
Според рангирањето Македонија е во друштво со Бугарија. Полошо од нас се рангирани Босна и Херцеговина која го има 109 место и Србија која со 33 поени падна на 116 место. Од земјите во регионот подобро рангирани се Косово, кое се најде на 76 место и Црна Гора која со 46 поени е на 65 место.

Индексот на гледање на корупцијата (CPI) за 2025 година покажува дека корупцијата останува сериозна закана во секој дел од светот, иако има ограничени знаци на напредок. Источна Европа и Централна Азија остануваат едни од регионите со најниски резултати во светот, со широко распространета неказнивост за корупција, водена од лични интереси кои доминираат во повеќето влади и нивните институции. Во најновиот извештај се наведува дека лидерите мора да дејствуваат за да се справат со злоупотребите на моќта и пошироките фактори што го поттикнуваат овој пад, како што се укинување на демократските контроли и рамнотежа и нападите врз независното граѓанско општество.

Најнови вести од: Македонија

To top