Македонија

Мицкоски: Никој нема право семејна трагедија да ја користи за политички поени

Особено во период кога општеството треба да говори за достоинството и безбедноста на жените

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска реагираше на прес-конференцијата на претседателката на Форумот на жени на СДСМ, оценувајќи дека трагичниот настан во скопската населба Карпош се користи за политички напади.

Според Мицкоски, настапот на претставничката на СДСМ бил проследен со симболика што, како што рече, асоцирала на Шарената револуција, но и на трагедијата во која животот го загубија мајка и нејзината ќерка.

-Во пресрет на 8 Март беше одржана прес-конференција на Форумот на жени на СДСМ, на која претседателката беше опкружена со млади жени со црвено обоени дланки. Со тоа, според мене, се правеше асоцијација и на Шарената револуција, но и на трагедијата во Карпош. Токму тој настан беше искористен како повод за дневнополитички напади. Никој нема право семејна трагедија да ја претвора во средство за политички поени, особено во период кога општеството треба да говори за достоинството и безбедноста на жените, изјави Мицкоски.

Тој оцени дека настапите на СДСМ во последниот период, според него, се сведуваат на повторување на исти политички наративи и обвинувања.

-Кога една политичка структура постојано ги повторува истите приказни и напади, станува јасно дека проблемот не е само политички. Сериозно сме загрижени за состојбата во која се наоѓа раководството на СДСМ. Се гледа паника и очајнички обиди трагедијата да се искористи како политичка платформа, изјави премиерот.

Мицкоски нагласи дека државата се наоѓа во сложен меѓународен контекст и повика на поголема политичка одговорност.

-Живееме во тешки историски времиња. Им благодарам на граѓаните кои ја даваат својата поддршка и не подлегнуваат на овие хистерични обиди од СДСМ. Економиите се под сериозен притисок, а стабилноста на многу држави е ставена на тест. Во вакви околности потребна е одговорност, а најмалку што ни треба е паника, рече Мицкоски.

Изјавата на премиерот доаѓа по прес-конференцијата на Форумот на жени на СДСМ, на која беа изнесени критики кон власта во врска со трагедијата во скопски Карпош.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Ако не се свртиме кон семејните вредности и многудетните семејства економијата ќе биде на удар

Ако не се свртиме кон семејните вредности и кон многудетните семејства и ако тие вредности не ги промовираме, македонската економија ќе биде прва која што ќе биде на удар, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски дека до 2030 година годишно ни се потребни 50.000 странски работници, за да го држиме нивото на БДП што го имаме сега.

ОКТА продолжува со попуст од два денари по литар дизел гориво

Како одговор на најновите случувања на меѓународните пазари на горива, ОКТА АД – Скопје воведува привремен попуст од 2 денари по литар дизел гориво, со важност од денеска, 20 октомври 2026, до 2 ноември 2026 г.

(Фото): Работна средба за инфраструктурните приоритети на Карпош

Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, се сретна со ресорниот министер за транспорт, Александар Николоски, каде беа разгледани тековните инфраструктурни проекти и можностите за нови инвестиции во интерес на граѓаните.

To top