Македонија

МВР влегува во Град Скопје и „Комунална хигиена“ поради алармантната состојба со отпадот

Владата ги задолжи интитуциите да постапат

Владата на денешната седница донесе одлука со која го задолжи Министерството за внатрешни работи (МВР), во координација со повеќе инспекциски и здравствени институции, веднаш да спроведе вонреден инспекциски надзор во Град Скопје и во ЈП „Комунална хигиена – Скопје“, поради сериозните проблеми со собирањето и транспортирањето на комуналниот отпад.

Според владините заклучоци, Државниот комунален инспекторат (ДКИ), Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) се задолжени, во соработка со МВР, веднаш да почнат координиран надзор на целата територија на главниот град. Целта е да се утврди реалната состојба со отпадот и да се преземат итни мерки за заштита на јавното здравје и животната средина.

Паралелно, МВР е задолжено — во соработка со градските и државните инспекции — да ги испита постапките на Град Скопје и на ЈП „Комунална хигиена“, како и улогата на градоначалникот Данела Арсовска во ситуацијата со несобирање на отпадот. Според МВР, несобраниот отпад претставува директна опасност по здравјето на граѓаните.

„Состојбата е алармантна и, иако надлежноста е на Град Скопје, поради континуираното непостапување ги повикуваме институциите веднаш да дејствуваат по заклучоците на Владата“, наведуваат од Министерството за внатрешни работи.

Со оваа одлука, Владата практично воведува државен надзор над градската хигиена, откако со денови улиците на Скопје се преплавени со отпад, а јавното претпријатие и градските власти меѓусебно си ја префрлаат одговорноста за кризата.

Најнови вести од: Македонија

Аларм: Секое 10-то дете во Македонија изложено на сексуална злоупотреба на интернет

Секое десетто дете во Македонија на возраст од 12 до 17 години коешто користело интернет било изложено на сексуална експлоатација и злоупотреба. Станува збор за околу 12.000 деца, бројка што ја потврдува и последното истражување на УНИЦЕФ.

(Видео): Проблемот со кравите во Крива Паланка стигна до Обвинителството – Општината поднесе кривични пријави

Крива Паланка, заедно со жителите од засегнатите села, поднесоа неколку кривични пријави до Обвинителството поради институционално непостапување по извршни решенија за одземање на добитокот што слободно шета во градот и пошироко.

УКИМ не платил сметки за струја, ако не се плати долгот – факултетите ќе останат во мрак

Дел од државните факултети и Ректоратот од утринава се во мрак поради неплатени сметки за електрична енергија. Ова за Телма го потврдија и од ЕВН. Без струја останаа Машинскиот, Електротехничкиот, Природно – математичкиот, земјоделскиот факултет, но и зградата на Ректоратот.

Велковски: Во владина постапка се измените на Законот за детска заштита, од 2027 поголема поддршка за децата со посебни потреби

Измените на Законот за детска заштита веќе се во владина процедура, каде се предвидува зголемување на постоечките државни износи за поддршка, со посебен фокус на децата со посебни потреби, изјави министерот за труд и социјална политика и млади, Ѓоко Велковски одговарајќи на пратенички прашања во Собранието, нагласувајќи дека се очекува овие измени брзо да ја поминат собраниската процедура и од 1 јануари 2027 година децата од оваа категорија да добијат зголемени средства.

Николоски: Од 1 јануари 2027 државата ќе биде единствен организатор на интернет-игрите на среќа и ВЛТ терминалите

Владата останува на ставот за ограничување на игрите на среќа и веќе презеде конкретни законски мерки со кои се намалуваат можностите за нивно организирање, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, одговарајќи на пратеничко прашање на Јована Мојсоска од Левица поврзано со работењето на Државна лотарија, односно дали Владата ќе иницира разрешување на директорот на Државна лотарија, Александар Климовски, како и дали ќе биде затворена платформата за онлајн коцкање „Мегавин“.

To top