Македонија

Началникот на Генералштабот на АРМ: Војните не се добиваат само со технологија

Првиот офицер на македонската армија со анализа на прашањето дали модерното војување доживува еволуција или револуција

„Технологијата е таа што предизвикува револуционерни промени на бојното поле, но адаптацијата, лидерството, одржливоста и општествената отпорност се клучните фактори кои одредуваат дали таа промена ќе се преточи во стратешка победа“, истакна началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, на панел-дискусијата на тема „Еволуција или револуција во војувањето: Од заливската војна до Украина“.

Настанот, кој покрена исклучително актуелни прашања за трансформацијата на воените конфликти, беше организиран во заедничка соработка помеѓу Институтот за национална историја и фондацијата „Конрад Аденауер“ (Konrad Adenauer Stiftung).

Во своето обраќање, генералот Лафчиски посочи дека не постои едноставен одговор на прашањето дали модерното војување доживува еволуција или револуција, нагласувајќи дека двата процеси се длабоко поврзани и се надополнуваат. Според него, благодарение на револуционерните технолошки промени, сведоци сме на еволуција во начинот на кој се води модерната војна.

„Еволуцијата ги подобрува постојните концепти, доктрини и начини на војување, додека револуционерните промени фундаментално го менуваат начинот на кој ги разбираме и ги спроведуваме воените операции“, објасни началникот на Генералштабот.

Според него треба да се учат лекциите од минатото затоа што на пример, технологијата сама по себе не носи победа.

Анализирајќи ги историските контексти, Лафчиски се осврна на Заливската војна во 1991 година, која ја покажа моќта на прецизното оружје, „стелт“ технологијата и воздушната супериорност.

Сепак, тој потенцираше дека воената доминација во подоцнежните кампањи во Авганистан и Ирак покажа дека технолошката супериорност автоматски не се преведува во трајна стратешка победа, особено кога противникот брзо ги менува тактиките.

Овие лекции, според него, денес се најочигледни во Украина, каде што дроновите, сензорите, електронското војување и разузнавањето во реално време целосно го сменија бојното поле.

„Бојното поле стана континуиран натпревар на иновации и адаптација. Војните не се добиваат само со технологија. Тие зависат од луѓето, обучените команданти, ефективното лидерство и општествата подготвени да издржат долготраен конфликт“, рече Лафчиски.

Генералот Лафчиски го заокружи своето излагање преку три клучни столба кои ја дефинираат неговата теза за модерното војување:
– Технолошки поттик: Дроновите, вештачката интелигенција, прецизниот оган и интеграцијата на информациите радикално го менуваат водењето на воените операции.
– Брза адаптација и лидерство: Способноста за побрзо учење и прилагодување од противникот одредува дали технологијата ќе донесе успех на терен.
– Одржливост и општествена отпорност: Муницијата, логистиката, индустриското производство, енергетската безбедност и критичната инфраструктура се клучни за капацитетот на една земја да ја издржи и одржи својата одбрана.
На крајот, началникот порача дека најважната лекција во подготовката за идните предизвици е способноста да се препознаат сопствените слабости, бидејќи идните противници будно ги проучуваат нашите методи за да ги искористат пропустите.

Најнови вести од: Македонија

To top