
Пишува Свето Тоевски:
Деновиве се навршија 24 години од смртта на истакнатиот полски славист и македонист Кажимјеж Фелешко, еден од големата низа полски македонисти, кој има дадено драгоцен придонес кон меѓународните студии на македонскиот јазик, третиран како засебен јазик во семејството на јужнословенските јазици. Оваа годишнина е повод за осврнувањето на научното творештво негово, но и на цела една голема низа други исто така истакнати полски македонисти, кои повеќе децении во континуитет се вклучени во студиите за македонскиот јазик, во македонистиката во Полска, а со тоа и во широката меѓународна афирмација за македонскиот јазик. Во овој контекст е посебно за истакнување и една од најголемите полски македонистки и членка на Македонската академија на науки и уметности Зузана Тополинска, која во 2020 година ќе изнесе шокантно сведоштво во интервју за „360 степени“ дека Бугарите ѝ нуделе дури и пари да се откаже од македонистиката и македонскиот јазик. „Бугарите се циркус, поради својата несигурност во врска со поради македонскиот јазик!“ – ќе каже академик Тополинска во тоа свое интервју. Во 2005 година професорката Лилјана Минова – Ѓуркова ќе изнесе уште еден вџашувачки момент: при доделувањето на почесниот докторат на науки на Станислав Гајда, полски филолог и македонист, од страна на Универзитетот УКИМ, Бугарите им упатувале и ултиматуми не само на група македонски македонисти, туку и на самиот Гајда, „да се откажат од Македонците и македонските дијалекти во Бугарија“! Ова Ѓуркова го напишала во соодветно полско списание во статија посветена на доделувањето на почесниот докторат на науки на Гајда, инаку полски филолог-македонист, како и член на Полската академија на науки.
Кажимјеж Фелешко имал напишано повеќе од 130 научни студии и трудови, меѓу кои дел се посветени и на граматичката структура на македонскиот јазик. Сета своја научна кариера професорот д-р Кажимјеж Фелешко го поминува во Славистичкиот институт на Полската академија на науки и во Институтот за словенска филологија на Варшавскиот универзитет. Неговите интереси се свртени кон јужнословенските јазици и односите меѓу полскиот и германскиот јазик. Фелешко прекрасно го познавал меѓу другите јазици и македонскиот јазик, како говорниот така и неговата структура. Работел во Полската академија на науки врз македонската синтакса во периодот од 1962 до 1967 година. Умира на 3 јули 2001 година.
Напоредно со истакнувањето на драгоцениот придонес на Кажимјеж Фелешко кон македонскиот јазик и македонистиката треба да се има предвид еднакво вредниот придонес и на неговата сопруга Ева Жетелска – Фелешко (1932 – 2009), полски лингвист, македонист и славист. Таа и неговиот сопруг Кажимјеж биле нарекувани „големите пријатели на Македонија и македонскиот јазик“. Ева Жетелска – Фелешко е автор на 11 монографии и на повеќе од 340 научни трудови од областа на дијалектологијата, ономастиката и на историјата на словенските јазици, меѓу кои одреден дел се однесуваат и на македонскиот јазик. Таа настапувала повеќе пати, исто како и нејзиниот сопруг, со реферати на научната конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.
Од големо значење се и серија нејзини научни трудови за македонскиот јазик, објавувани во списанието „Славистички студии“ на Катедрата за славистика на Универзитетот УКИМ во Скопје, и особено во научното списание „Македонски јазик“ на Институтот за македонски јазик во Скопје. Од 1972 сè до 2004 година Ева била раководител на Одделението за ономастика при Полската академија на науките, а од 1990 до 1996 била директор на Славистичкиот институт, исто така при Полската академија на науките. Била активен член на повеќе меѓународни истакнати организации, како што се Меѓународниот комитет за ономастика (ИЦОС), Интернационалното друштво за дијалектологија и геолингвистика, Меѓународниот славистички комитет итн. Со свои значајни трудови има учествувано на повеќе од 30 меѓународни научни конгреси и конференции.
Насекаде Ева Жетелска – Фелешко ги презентирала своите истражувања на полето на македонистиката, со што заедно со Кажимјеж била заслужна и за меѓународната афирмација на македонскиот јазик, наспроти сите обиди за негово негирање од бугарските и грчките политичари и научници.
Интересот на полската филологија за македонскиот јазик
Интересот на полската филологија за македонистиката датира уште од пред Втората светска војна и од пред кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Потврда за тоа се научните трудови на професорот Мјечислав Малецки, кој работејќи на терен, се интересирал за македонските дијалекти, особено за дијалектите од солунскиот крај. Како што ќе посочи и Блаже Конески, Малецки уште тогаш ги согледува специфичностите на македонската дијалектна група. Малецки, во еден од своите трудови, во 1938 година во однос на прашањето дали македонските дијалекти се српски, или бугарски, нагласува „тие не се ниту српски, ниту бугарски, туку дека „повеќето од нив „припаѓаат на индивидуален дијалект‘“, посочувајќи на македонскиот јазик. Неговите ученици ги удрија темелите на современата полска македонистика, при што особено значаен е влогот на професорот Збигнев Голомб, со неговиот интерес за изучувањето на македонскиот јазик, посебно во балаканолошка перспектива.
Полскиот професор и македонист Влоѓимјеж Пјанка, како автор на 10-тина авторски книги и околу 100-тина статии од потесна македонистичка област, е дел од таа серија полски македонисти, кои завредуваат трајна почит од македонскиот народ, поради неговото научно дело, во кое исто така на категоричен и недвосмислен начин ја истакнува не само во Полска, туку во сиот научен свет самобитноста на македонскиот јазик и на народот, што го говори тој јазик – Македонците.
Како редовен професор на Варшавскиот универзитет, Панка бил и првиот полски лектор на универзитетoт „Св. Кирил и Методиј“, но бил и редовен гостин е на Семинарот за македонски јазик, литература и култура во Охрид. Спротивставувајќи им се на бугарските негаторски тврдења околу македонскиот јазик, Влоѓимјеж Панка во едно интервју ќе каже дека „немаат никаква научна логика“. „Многу е важно тоа што прв лингвист во светот кој собрал материјали од македонски дијалекти беше Мјечислав Малецки, кој објави книга под наслов ‘Два македонски дијалекта – Сухо и Висока во Солунско’. Тој беше доцент на Јагјелонскиот универзитет од Краков и ги објави двете книшки во 1932 и 1934 година, значи уште пред војната. Го сторил тоа кога други научници во околината и светот сметале дека тоа се дијалекти на бугарскиот јазик, на српскиот јазик, а никој не кажал јасно дека станува збор за посебни, македонски дијалекти.“ – ќе нагласи категорично Панка.
Панка ќе го каже во тоа интервју и следново: „Бугарите велат дека нема никаков македонски јазик. Како лингвисти бараме да ни покажат докази . На моето прашање за посебноста на македонскиот јазик тие ми одговараат: ‘Ние го чувствуваме духот на јазикот, тоа е истиот дух што го имаат луѓето во Македонија и кај нас.’ Но, јас сум научник, сакам докази. Јас докажувам дека бугарскиот и македонскиот се два различни јазика.“
Тополинска: Бугарите ми ветуваа „општа среќа“, за да се откажам од македонскиот јазик!
Овој преглед за полските македонисти го заокружуваме со дел од ставовите и на академик Зузана Тополињска, која со своето монументално научно дело „Синтакса на македонските дијалекти во Егејска Македонија“ ја има придодадено во македонската научна ризница оваа бележита научна студија за македонските дијалекти во Егејска Македонија, која е едновремено и трајно автентично сведоштво за постоењето на македонскиот јазик во овој дел од неговата некогашна интегрална етнојазична територија.
Во интервју за „360 степени“ во 2020 година Зузана Тополињска се осврнала на контактите со бугарските колеги и нивните обиди да „интepвенираат“ таа да престане да го изучува македонскиот јазик. Тополинска изјавила дека во 60-тите години од минатиот век ја имала првата средба со бугарското негирање на македонскиот јазик кога во Софија. Таа ја издвојува средбата во тие години во едно одморалиште на Полската академија, на околу 30 км од Варшава, каде што, како што рекла, cпецијално ѝ пришол ректорот на Софискиот универзитет, со такси, за да ѝ ветува „општа среќа“ и сѐ што ќе посака и неограничени можности во Бугарија, само за да се откаже од изучување на македонскиот јазик.
„Мене лично многупати директно ми го искомпликуваа животот Бугарите со фактот дека се занимавам со македонистика и го истражувам македонскиот јазик. Бугарите се дотолку несигурни за ‘праведноста’ на нивната позиција, што дури и една полска македонистка за нив. Па тоа е циркус!“ – има кажано Зузана Тополинска во споменатото интервју.