Македонија

Нов повик за инвертер-климатски уреди: првпат целосно електронско пријавување со забрзана и поедноставена постапка!

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објавува јавен повик за доделување потврда – ваучер за купување и вградување на инвертер клима уреди, наменет за заштита на ранливите потрошувачи на енергија за 2026 година. Рокот за поднесување на барања изнесува 30 дена од денот на објавување на јавниот повик.

За прв пат пријавувањето ќе се одвива целосно електронски, преку веб-страницата на Министерството, со што значително се поедноставува постапката за граѓаните. Наместо досегашното доставување документи во хартиена форма и чекање пред архиви, апликантите ќе можат да го завршат целиот процес онлајн – брзо, едноставно и без непотребни административни пречки. Ова претставува конкретен чекор кон дигитализација и модернизација на јавните услуги, со јасна цел – институциите да бидат поблиску до граѓаните и нивните реални потреби. Начинот на аплицирање ќе биде детално објаснет и јавно достапен, за да се обезбеди еднаков пристап за сите заинтересирани.

Јавниот повик се спроведува согласно со Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2026 година и предвидува доделување ваучери за набавка и вградување на инвертер клима уреди со моќност од 3,5 kW и најмалку енергетска класа А+, со што директно се придонесува кон намалување на трошоците за енергија и подобрување на енергетската ефикасност во домаќинствата. Право на учество имаат домаќинства во кои живеат лица корисници на надоместок заради попреченост, како и домаќинства со деца со попреченост кои користат посебен додаток до 26 години, при што се утврдени јасни доходни критериуми за 2025 година. При пресметката на вкупниот доход не се земаат предвид надоместоците за попреченост, со цел поддршката да стигне до оние на кои им е најпотребна.

Право на учество имаат:

  1. Домаќинства со лица корисници на надоместок заради попреченост, чиј вкупен месечен нето доход во 2025 година не надминува:
    • 30.000 денари за едночлено домаќинство
    • 45.000 денари за домаќинство со два члена
    • 63.000 денари за домаќинство со три члена
    • 83.000 денари за домаќинство со четири и повеќе члена
    (во пресметката не се вклучува надоместокот заради попреченост)
  2. Домаќинства со деца со попреченост (до 26 години), корисници на посебен додаток, со месечен доход во 2025 година до:
    • 45.000 денари за домаќинство со два члена
    • 63.000 денари за домаќинство со три члена
    • 83.000 денари за домаќинство со четири и повеќе члена
    (во пресметката не се вклучува посебниот додаток)

Едно лице може да поднесе само едно барање по домаќинство, не се опфатени лица кои користат цивилна или воена инвалиднина, корисници на гарантирана минимална помош и додаток за енергенси.
Аплицирањето ќе се врши исклучиво електронски преку платформата www.aplikanti.energy.gov.mk, каде што барателите ќе треба да поднесат комплетна документација, вклучително и изјава заверена на нотар, соодветни решенија за остварени права, лична документација и докази за составот на домаќинството. Доколку апликацијата е некомплетна, ќе се овозможи рок за нејзино дополнување, согласно созаконските процедури.

Изборот на корисници ќе се врши врз основа на уредни и комплетни апликации, сè до исцрпување на предвидените средства, а Министерството по службена должност ќе врши проверка на податоците преку надлежните институции. Листите на корисници и донесените решенија ќе бидат јавно објавени и доставени по електронски пат. Рокот за поднесување на барања изнесува 30 дена од денот на објавување на јавниот повик.

Јавниот повик со сите информации и рокови може да го најдете на сајтот на Mинистерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Со овој повик, Министерството продолжува со конкретна поддршка за најранливите категории граѓани, истовремено вложувајќи во енергетска ефикасност, намалување на трошоците за енергија и подобар квалитет на живот.

 

Најнови вести од: Македонија

ВМРО ДПМНЕ: СДС, ДУИ и Таравари го штитат Лимани, кој не се чувствувал виновен за загрозеното здравје на илјади граѓани

„Опозицијата е морално капитулирана и без никаков компас. Она што се случи во Гостивар, токму поради неажурноста и незаинтересираноста на локалната власт, предводена од Валбон Лимани, покажа колку коалицијата СДС, ДУИ и Таравари не се грижи за граѓаните.“ – реагира ВМРО ДПМНЕ.

„Плус инфо“: Бура во чаша вода по изјавата на Муцунски за протоколите со Бугарија

Изјавата на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски дека протоколите не се правен дел од Преговарачката рамка предизвика бурни реакции во повеќе македонски и бугарски медиуми. Шефот на македонската дипломатија за Плусинфо потврди дека нема промени во македонската принципиелна позиција во однос на пристапниот процес кон ЕУ. Ова го објави „Плус инфо“.

Невена Николова Георгиева-Дуња, на 16 години организатор на отпорот против бугарскиот фашистички окупатор – 101 година од раѓањето

На денешен ден, на 25 јули 1925 година во Скопје е родена Невена Георгиева – Дуња, македонска комунистка, припадничка на младинското, синдикалното и работничкото движење меѓу двете светски војни, учесник во НОВ од 1941 година. Со своите 16 години била најмладата партизанка во Првиот скопски партизански одред и прва жена-партизан во партизанските одреди на Македонија. Дуња не е само член на СКОЈ и партизан:  истовремено била и организатор на отпорот во Скопје, во Велес, во Штип и во Струмица, каде што дејствува под прекарот Мирка. Врши разузнавачки активности за отпорот и е истовремено организатор и прави регрутација. Во тој период Дуња има само 16 години. Во 1942-ра на 17 години станува дел од третата чета на партизанскиот одред „Димитар Влахов“ во Велес и околината. Својата младост херојски ја положува во темелите на македонската држава, загинувајќи на таа возраст. Но не била прогласена како народен херој. Со тоа ѝ била нанесена несфатлива историска неправда.

Комисијата за заразни болести предупредува: По загадената вода во Гостивар можно е да се појават случаи на жолтица

Комисијата за заразни болести предупреди дека во наредниот период во Гостивар постои можност да се појават случаи на хепатит А и хепатит Е како задоцнета последица од загадувањето на водата. Засега нема потврдени случаи на овие заболувања, но здравствените власти најавуваат засилен надзор поради периодот на инкубација на вирусите.

Народниот херој Иљо Антески – Смок, револуционерна борба и саможртва, вградени во темелите на македонската држава – 107 години од раѓањето

На денешен ден, на 25 јули 1919 година во Тетово е роден Илија – Иљо Антески – Смок, народен херој на македонскиот народ, комунист и првоборец. Неговата револуционерна борба и саможртва го впишуваат во најсветлите страници на македонската национална историја и на колективното паметење на македонскиот народ.

Најнови вести

To top