Македонија

Мицкоски: „One Stop Shop“ ќе го олесни транспортот и ќе ги зајакне врските меѓу граѓаните (ВИДЕО)

„Досега на овој граничен премин бевме контролирај, контролирај, но сега ќе бидеме верувај и контролира“, рече Еди Рама

Премиерот Христијан Мицкоски, на заедничкиот настан со албанскиот премиер Еди Рама, по повод воспоставувањето на системот „One Stop Shop“ на граничниот премин меѓу двете земји, истакна дека новиот начин на гранично функционирање ќе го олесни транспортот на патници и дополнително ќе ги зајакне врските меѓу граѓаните.

Мицкоски посочи дека неколку милиони патници годишно поминуваат низ овој граничен премин, оценувајќи дека новиот систем ќе придонесе за побрзо и поедноставно движење меѓу двете соседни земји.

Тој изрази очекување ваквиот модел на соработка да биде воспоставен и на другите гранични премини со Албанија, со цел дополнително поврзување на граѓаните од двете страни на границата.

Според Мицкоски, „One Stop Shop“ ќе има позитивно влијание и врз развојот на туризмот и искористувањето на туристичкиот потенцијал на двете земји, посебно во охридско-струшкиот регион и албанското крајбрежје.

Мицкоски упати благодарност до министерот за внатрешни работи, членовите на Владата, вработените во Министерството за внатрешни работи, Царинската управа и сите институции вклучени во реализацијата на проектот.

Посебна благодарност упати до албанскиот премиер Еди Рама за неговата лична поддршка во реализацијата на проектот.

Од своја страна, албанскиот премиер истакна дека новиот начин на функционирање ќе значи поедноставување на граничните процедури и поголема доверба меѓу двете земји.

Рама, обраќајќи се на настанот, направи споредба со досегашниот начин на контрола на границата, посочувајќи дека новиот систем треба да донесе поинаков пристап.

„Ние имаме еден израз на албански јазик, не знам дали вие го имате на македонски: верувај, но и контролирај. Досега на овој граничен премин бевме контролирај, контролирај, но сега ќе бидеме верувај и контролирај“ – рече Рама.

Тој нагласи дека воспоставувањето на овој систем е уште еден чекор во соработката меѓу двете соседни земји и кон нивното приближување до Европската Унија.

Албанскиот премиер се осврна и на заедничките инфраструктурни проекти, посебно на Коридорот 8, оценувајќи дека тој претставува значаен проект не само на патот кон ЕУ и за НАТО, туку и за поврзувањето и заедничката соработка меѓу двете држави.

 

Најнови вести од: Македонија

(Видео): Вози како да е нормално во спротивна насока среде Партизанска – автомобилот и покрај се продолжува да вози

На видеото се гледа како возачот ја намалува брзината додека се разминува со два автомобили, а потоа повторно забрзува. Се очекува МВР да соопшти дали прекршокот е регистриран преку „Безбеден град“.

Од пад од 5% до раст од 5,2% – СДСМ да ги погледне статистичките податоци за платите, велат од ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ се повика на податоците на ДЗС според кои просечната нето-плата во септември изнесувала 49.141 денар, со номинален годишен раст од 8,1 отсто и реален раст од 5,2 отсто. Во септември 2022 година реалната нето-плата бележела пад од пет проценти.

To top