Новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Софија, Крум Ефремов, денеска ѝ предаде копија од акредитивните писма на заменик-министерката за надворешни работи на Бугарија, Иванка Ташева.
Амбасадорот Ефремов изрази желба за развој на билатералните односи преку конструктивен дијалог и продлабочување на секторската соработка, вклучително и во областите на трговијата, туризмот, инфраструктурата и други.
Ташева му посака добредојде на новиот шеф на македонската амбасада во бугарската престолнина и ја потврди „конструктивна поддршка“ за европската интеграција на Македонија, „што подразбира целосно спроведување на обврските од Договорот од 2017 година и европскиот консензус од 2022 година“, соопштија од бугарското МНР.
„Ташева го истакна напредокот постигнат во спроведувањето на Договорот меѓу Владата на Република Бугарија и Владата на Република Северна Македонија за подготовка, изградба и управување со прекуграничен железнички тунел – дел од Коридорот VIII – како добар пример и илустрација за можностите и позитивните резултати што можат да се постигнат кога постои политичка волја.
Заменик-министерката за надворешни работи ја нагласи важноста на поврзаноста за економскиот развој на регионот, како и за зајакнување на врските меѓу луѓето од двете страни на границата. Таа посочи дека овие човечки врски се нашето најголемо богатство; сепак, нивното градење бара искрен дијалог и заемна почит, без провокации и говор на омраза“, се вели во соопштението.