Македонија

ОЈО ГОКК го затвори предметот за изградбата на модуларните болници

Нема сомнение за злоупотреби при јавните набавки

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) го затвори предметот за јавни набавки за градењето на 19 модуларни болници во државата, беше соопштено на денешниот брифинг во Обвинителството.

Предметната обвинителка Верица Бержецка Крстева рече дека по анализата на обемна и сложена документација не постои основано сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувања при јавните набавки. Предметот прво бил кај обвинителката Вилма Русковска, потоа кај Елизабета Јосифовска.

Предметот беше отворен на 10 септември 2021 година по допрен глас по пожарот во модуларната болница во Тетово. Во пожарот што се случи на 8 септември 2021 година, загинаа 14 луѓе, а десетина беа повредени.

Обвинителството  соопшти дека во постапката била прибрана документација од Министерството за внатрешни работи, Министерството за финансии – Бирото за јавни набавки, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Владата, ОЈО Тетово и други институции. Анализирани биле постапките за јавни набавки, техничките спецификации, договорите, проектната документација и релевантната законска регулатива.

Од прибраните податоци произлегува дека во периодот од април до јуни 2020 година биле спроведени три постапки за обезбедување дополнителни капацитети на здравствениот систем за справување со пандемијата од Ковид-19. Набавките се однесувале на монтажни контејнери кај Клиниката за инфективни болести во Скопје, немедицинска опрема за Регионалниот ковид-центар и формирање монтажно-модуларен амбулантско-поликлинички оддел за потребите на Клиниката за пулмологија и алергологија.

Предмет на анализа била и постапката за набавка на модуларни монтажни контејнери во рамките на Проектот за итно справување со Ковид-19, финансиран со заем од Светска банка. Постапката била спроведена согласно правилата на меѓународната финансиска институција, со барање понуди преку меѓународен пазар. Бирото за јавни набавки потврдило дека во ваков случај не се применуваат одредбите од Законот за јавните набавки, согласно законскиот исклучок за набавки спроведени според правила на меѓународна организација.

Била анализирана и регулативата од областа на градењето. Јавниот повик бил објавен на 13 октомври 2020 година, а договорот бил склучен на 30 ноември 2020 година. Во меѓувреме, со измените на Законот за градење објавени на 24 ноември 2020 година, модуларните градби наменети за вршење здравствена дејност биле опфатени во категоријата градби за кои не е потребно одобрение за градење.

Од прибраната документација произлегува дека дел од јавните здравствени установи имале решенија од Министерството за здравство за поставување на модуларните градби, како и соодветна проектна документација.

Обвинителството ја анализирало и документацијата за активностите на Светска банка по пожарот во модуларната болница во Тетово. Во октомври 2021 година биле посетени објектите во Гостивар, Струга, Прилеп, Велес и Штип, при што била проверувана усогласеноста со проектните стандарди, безбедноста и противпожарната заштита.

Според документацијата, тимот на Светска банка потврдил дека постапката за набавка била во согласност со важечките правила на банката и дека испорачаната стока одговарала на техничките спецификации.

Од анализата на целокупната документација и извршените проверки, Обвинителството не утврдило факти од кои би произлегло дека во постапките за набавка службено лице ја искористило или пречекорило службената положба или овластување, односно не ја извршило службената должност, со цел да прибави значителна имотна корист или да нанесе значителна штета.

Согласно важечката законска рамка, утврдените факти не ги исполнуваат законските обележја на кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување. Оттука, надлежниот јавен обвинител оцени дека нема основи на сомнение дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност, поради што нема место за натамошно јавнообвинителско постапување по предметот, се наведува во соопштението од Обвинителството.

Најнови вести од: Македонија

Интервју: Глупост е Самуил да се враќа во Бугарија, тој таму никогаш и не бил, вели професор Атанасовски

Професорот Александар Атанасовски, чија специјалност е средниот век, вклучително и времето на Византија и Самуиловото Царство, беше гостин во емисијата Радио Точка, во рамки на програмата Хоризонт на Бугарското национално радио БНТ. Централна тема – договорот меѓу Бугарија и Грција за пренесување на наводните коски на цар Самуил од Солун во Софија.

(Фото): Означен стартот на 22. издание на „Виз Ер Скопски маратон“, улиците преполни со учесници

Град Скопје е покровител на спортската манифестација, а градоначалникот вели дека градските служби се подготвени да ја обезбедат потребната поддршка за нејзино успешно одржување.

Пола Скопје ќе биде затворено за сообраќај – стартува 22. издание на „Виз Ер“ Скопскиот маратон

Од Министерството за внатрешни работи апелираат граѓаните да го избегнуваат движењето по овие сообраќајници во периодот од 06:00 до 14:00 часот и да ги почитуваат наредбите на полициските службеници на терен.

(Видео): Државата е енергетски стабилна, се очекува поевтинување на горивата, вели Мицкоски

Државата не е голем потрошувач на гас и постои план за справување со можните предизвици, велат од Владата. Премиерот кажа и дека разговарал со големите нафтени компании. Премиерот очекува и поевтинување на горивата веќе од следната недела.

Во пресрет на грејната сезона – парно, струја, дрва: Што најмногу го празни џебот?!

Најефикасното, но и најскапо современо решение е топлотна пумпа систем воздух-вода. Оваа инвестиција бара помеѓу 6.500 и 9.000 евра, иако потоа месечната потрошувачка на струја за целата куќа е приближна на трошокот за два инвертер уреди. За домаќинствата кои немаат буџет за вакви системи, поставувањето на три поквалитетни инвертер клими со инвестиција од околу 2.500 евра.

To top