Македонија

Откупната цена на килограм јаболка три пати поевтина од „гума за џвакање“

Моментално, откупната цена на индустриското јаболко е 4 денари, за таа цена нема ни мастика во продавница, велат овоштарите

Преспанските јаболкопроизводители ја започнаа бербата на јаболката од овогодишната реколта, но предупредуваат дека состојбата им создава сериозни проблеми, особено поради високите трошоци за работна сила.

Овоштарите, на вчерашниот протест, посочија дека државата сè уште им должи субвенции од по 2 денари за килограм предадено јаболко во 2024 година, додека во исто време откупните цени годинава се значително пониски.

„Моментално, откупната цена на индустриското јаболко е 4 денари, за таа цена нема ни мастика во продавница. Конзумното исто така има ниска цена од 15 денари. Лани цените на индустриското јаболко беа од 10 до 11 денари, а 25 или 30 денари за конзумното. Годинава цената е катастрофална“, рече Кире Карапалевски, претставник на јаболкопроизводителите од Преспа и член на Националната земјоделска мрежа.

На 27 септември, на свеченото откинување на првото јаболко во овошните насади во Ресен, присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, кој им посака успешна и бериќетна сезона на преспанските овоштари.

„Јаболкоберот го одржаа, дојдоа, се сликаа и не кажаа конкретно кога ќе ги исплатат субвенциите, а сите јаболкопроизводители ги чекаа тие 2 денари за да ја започнат оваа берба. Нема пари, не знам како ќе се бере јаболкото со неисплатени субвенции од 2024 година. Еден работник да го викнеш денес да ти работи на берба, бара 50 евра.

Не можеме со јаболката што ќе ги собереме да ги платиме работниците“, вели Карапалевски.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека субвенциите за предадено јаболко се однесуваат на бербата од 2024 година, со рок на предавање до 2025 година. Оттаму посочуваат дека барањата се поднесувале и дека нивната обработка е во тек.

„Постапката за оваа подмерка е во тек и сите производители што навремено поднеле барање и ги исполнуваат утврдените услови ќе бидат опфатени со финансиската поддршка“, велат од МЗШВ.

Во однос на откупната цена, од Министерството велат дека станува збор за пазарна категорија и дека не може административно да ја определуваат. Сепак, како што посочуваат, континуирано комуницираат со производителите, откупувачите и преработувачите за организирано преземање и пласман на родот, додека Државниот инспекторат за земјоделство го следи откупот на терен.

Од МЗШВ додаваат дека Предлог-законот за уредување на пазарите со земјоделски производи, кој во моментов е во фаза на јавна расправа, е дел од започнатото системско унапредување на производството и откупот, со цел воспоставување појасни правила, поголема одговорност и посигурни односи меѓу производителите, откупувачите и преработувачите.

 

Најнови вести од: Македонија

Убава вест: Крај за договорите на дело во државните институции – работниците ќе добијат вработување на неопределено време

Лицата ангажирани со договор на дело и други видови договори во дел од јавниот сектор ќе добијат можност за вработување на неопределено време, со законско решение што предвидува фазна трансформација на нивните ангажмани.

„Н.М.“: За Македонија отворањето на Уставот не смее да биде приоритет! – Во овој опасен геополитички момент по диктат на Бугарија тоа е самоубиствено!

„Сега во овој опасен геополитички момент отворање прашања по диктат на Бугарија е опасно и самоубиствено. Приоритет треба да се внатрешните реформи, зајакнување на демократските капацитети на државата и создавање широк консензус за стратегиските прашања, за националниот интерес.“ – се нагласува во анализата со наслов „Проширувањето може да предизвика геополитички расцеп во Европа – каде тогаш ќе се (с)најде Македонија“, која е објавена во весникот „Нова Македонија“.

(Фото): Општина Карпош и Град Скопје во заедничка инспекциска акција

Во текот на акцијата се вршеа целосни и детални контроли во рамки на надлежностите на инспекциските служби. Во одредени случаи, беше побарана и теренска придружба од униформирани полициски службеници од ПС Карпош.

To top