Македонија

Петмина кандидати досега на огласот за државен јавен обвинител, рокот истекува на полноќ

Досега се пријавиле петтемина на огласот на Собранието

Досега пет кандидати се пријавиле на огласот на Собранието за јавен обвинител на Македонија. Станува збор за сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Кривичниот суд Ненад Савевски, поранешниот претсдател на Кривичниот Суд Владимир Панчeвски и обинителката од скопското Обвинителство, Лидија Раичевиќ. Рокот за пријавување на кандидатите истекува на полноќ.

Судијата од Кривичниот суд Савевски и обвинителката Раичевиќ за МИА ја потврдија кандидатурата, а во изјава за медиумите потврдно одговорија и обвинителката Ристовска и в.д. државаната обвинителка Тополова Исајловска.

Својата кандидатура за огласот за јавен обвинител на Македонија, што го распиша Собранието, досега ја потврди поранешниот претседател на Основниот суд Скопје, Владимир Панчевски. Во пријавата на Панчевски поднесена на 21 јануари до Собранието се наведува дека тој ги исполнува сите законски услови за извршување на функцијата државен јавен обвинител.

– Во прилог до надлежните органи доставил целосна предлог-документација и докази за исполнување на општите услови утврдени во член 61 од Законот за Јавното обвинителство, како и докази за исполнување на посебните услови од член 62 став 1 алинеја 1 од овој закон – се наведува во пријавата од Панчевски до Собранието.

Кандидатура за функцијата најави и поранешниот виш јавен обвинител на скопското Вишо јавно обвинителство, Мустафа Хајрулах, но сепак се откажал од намерата.

На местото на Љупчо Коцевски, кој поднесе неотповиклива оставка во декември лани, дојде обвинителката Тополова Исајловска како в.д. државен јавен обвинител која беше единствен кандидат, но не може да биде на позицијата подолго од шест месеци.

Првично, порано, денеска на последниот ден од огласот, од собраниската прес-служба изјавија дека до архивата на Собранието се поднесени четири пријави за оваа позиција, но не споделија детали за тоа кои се подносителите.

Постапката за избор на нов државен јавен обвинител почна со огласот што го распиша Собранието на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.

Според Законот за Јавното обвинителство, добиените кандидатури се препраќаат до Владата. По пријавувањето, Владата бара мислење од Советот на јавните обвинители за сите кандидати. Советот е должен да достави образложени мислења во рок од 15 дена. Доколку Советот не даде позитивно мислење за ниеден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. Со 61 глас од пратениците ќе треба да биде избран новиот државен јавен обвинител.

Најнови вести од: Македонија

(Видео): Речиси целосно пробиена трасата на булеварот „Борис Трајковски“ кон Драчево

По долгогодишно чекање, булеварот „Борис Трајковски“ конечно добива решение, со што се исполнува едно од најважните инфраструктурни очекувања на жителите од овој дел на Скопје.

„Комунална хигиена“ со 12 милиони евра долгови и 60% од возилата расипани

Државната ревизија ја прочешла документацијата за 2024 година на Јавното претпријатие Комунална Хигиена Скопје. Според наодите на ревизорите компанијата има проблем со наплататата на нивната услуга, потоа забележано е нерационално управување со залихите, но констатирана е и намалена ликвидност.

Презирот на македонските херои кон смртта во битката на Ножот на 14.7.1907, една од највеличествените страници на македонската историја по Илинденското востание

„Никој не смее да ги допре и да ги нагрди хероите! Гледате ли како комитите ја презираат смртта? Се борат и умираат како херои!“ – со овие зборови мајорот Енвер-беј, кој командувал со многубројната турска војска во легендарната битка со македонските комити на 14 јули 1907 година на планинскиот врв Ножот кај прилепското село Ракле, им оддал почит на саможртвениците за слободата на Македонија и македонскиот народ. Тој трагичен јулски ден во 1907 година штамата завладеја на Ножот, откако последните преживеани македонски комити се самоубија со последните куршуми и со активираните бомби, кои им преостанаа, за да не паднат во рацете на турскиот аскер. Претходно прилепскиот градски окружен комитет и војводите им издале наредба да се повлечат од врвот. ,,Опфатени сме од оган, гориме и сме дошле да изгориме. Сакаме да умреме со достоинство. Нашето решение е неповратно.” – порачале 54-те македонски херои, одбивајќи да се повлечат, за да можат сите останати да заминат безбедно. Битката на Ножот е од најнерамноправните и најкрвавите битки во историјата на Македонија по Илинденското востание, но е и една од многуте во македонската национална историја на непокорот, буните и востанијата против поробителите.

To top