Македонија

Предлог јавниот обвинител Ненад Савески говори англиски, германски, српско-хрватски, но и шпански и албански

Македонец, кој говори повеќе странски јазици

Screenshot

Владата на денешната седница го утврди предлогот за нов Државен јавен обвинител, а според информациите, кандидатот кој ќе биде предложен до Собранието е судијата Ненад Савевски. За неговото назначување ќе биде потребна поддршка од најмалку 61 пратеник во парламентот.

Изборот на нов државен јавен обвинител доаѓа по процесот во кој Советот на јавните обвинители на 17 минатиот месец даде позитивно мислење за четворица од петте кандидати.

Поддршка добија вршителката на должноста државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Основниот кривичен суд Скопје Ненад Савевски и обвинителката од скопското Обвинителство Лидија Раичевиќ. За кандидатурата на Владимир Панчевски, пак, Советот едногласно оцени дека не ги исполнува законските услови во однос на работниот стаж.

Кој е Ненад Савевски?

Ненад Савевски е долгогодишен правник со искуство во повеќе сегменти од правосудниот систем. Роден е на 22 јули 1976 година, а потекнува од Гостивар, каде и живее со семејството. Оженет е и татко на три деца.

По образование е магистер по правни науки од областа на казненото право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде претходно дипломирал. Правосудниот испит го положил во 2003 година, а средното образование го завршил во гимназијата „Панче Попоски“ во Гостивар.

Во професионалната кариера минал низ повеќе позиции во правосудството. Од 2016 година е судија во Основниот кривичен суд Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција. Претходно, од 2009 година работел како јавен обвинител во Основното јавно обвинителство, додека во периодот од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основниот суд во Гостивар. Кариерата ја започнал како судски приправник во истиот суд, во периодот од 2000 до 2002 година.

Покрај работата во судството и обвинителството, Савевски бил вклучен и во повеќе експертски и меѓународни проекти. Учествувал како експерт во активности на ОБСЕ во Македонија, како и во рамките на Националната конвенција за Европската Унија за Поглавје 23, кое се однесува на правосудството и фундаменталните права. Бил член и на работни групи за судски и законски реформи, како и експерт во проекти на Советот на Европа, ОБСЕ и УСАИД, особено во области поврзани со посебните истражни мерки, притворот и кривичната постапка.

Активен е и во академската сфера. Савевски е предавач во Академијата за судии и јавни обвинители, како и национален тутор и обучувач во програмата HELP на Советот на Европа. Во рамките на овие активности учествува во обуки поврзани со човековите права и кривичното право.

Тој е автор и коавтор на повеќе научни и стручни трудови и публикации, меѓу кои и за теми како посебни истражни мерки, слобода на изразување, клевета и навреда, конфискација на имот и право на приватност. Во периодот од 2022 до 2024 година учествувал и како коавтор на повеќе водичи и стручни публикации.

Освен македонскиот јазик, Савевски зборува англиски јазик со меѓународни сертификати, германски, српско-хрватски и основен албански.

Доколку добие поддршка од мнозинството пратеници во Собранието, Савевски ќе стане нов Државен јавен обвинител и ќе го предводи Јавното обвинителство во наредниот мандат.

Најнови вести од: Македонија

Ново семејно насилство: Скопјанецот Љ.И. (35) ја претепал сопругата (31) и ја избркал од дома, а четирите деца ги затворил во тоалет!

Вчера, на 2 април 2026 година околу 19 часот во СВР Скопје 31-годишна жена пријави дека во домот на подрачјето на Бит Пазар нејзиниот сопруг Љ.И.(35) ја заклучил во тоалетот, а по некое време и физички ја нападнал, по што ја избркал од домот.

Кадриу: Да поднесеше Ристоска оставка при примопредавање на прислушкуваните материјали кога ја уриваа државата, ќе ѝ поверував дека е принципиелна!

Адвокатката и поранешна обвинителка Лејла Кадриу реагираше по оставката на обвинителката Ленче Ристоска, оценувајќи дека станува збор за „бегство од одговорност“, а не за принципиелен чин.

Велигденска порака на Скопскиот бискуп и Струмичко–скопски епарх Киро Стојанов (ВИДЕО)

Среде вознемиреностa во светот да се молитме за мир и напори да се запре татнежот на бомбите, да се замолчи оружјето и да се даде можност на дијалогот во кој можат да се слушнат гласовите на народите

Најнови вести

To top