Во рамките на посетата на Вашингтон, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, заедно со владината делегација, оствари повеќе значајни средби со претставници на американските институции, Конгресот и економскиот сектор. Во фокусот беа продлабочувањето на стратешкото партнерство меѓу двете држави, како и отворањето нови можности за економска и инвестициска соработка.
Мицкоски оствари средба со Каролин Вик, главен директор за политики и вршител на должноста главен директор за развој во Американската корпорација за меѓународно финансиско развивање – DFC. Институцијата располага со инвестициски капацитет од 205 милијарди долари и претставува значаен инструмент на САД за мобилизирање приватен капитал и инвестиции во стратешки сектори.
На средбата се разговараше за можностите за продлабочување на соработката и потенцијални инвестиции во Македонија во повеќе области, со посебен акцент на енергетиката, високите технологии и други стратешки сектори. DFC во своето работење посебен фокус става на енергетиката, современата инфраструктура и напредните технологии, а по проширувањето на нејзините овластувања располага со значително поголем капацитет за меѓународни инвестиции.
Посетата на Вашингтон беше искористена и за серија политички средби со претставници на американскиот Конгрес.

Претседателот на Владата оствари средба со конгресменот Кит Селф , претседател на Поткомитетот за Европа во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД. На средбата се разговараше за значењето на стратешкото партнерство меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави, за заедничките интереси на двете земји, како и за можностите за понатамошно продлабочување на соработката во областите од заемен интерес.
Мицкоски оствари средба и со конгресменката Клаудија Тени, копретседавач на Македонската група за пријателство во Конгресот на САД. Во разговорите беше истакнато значењето на традиционално силните и пријателски односи меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави, како и важноста на парламентарната соработка, политичкиот дијалог и размената на искуства меѓу двете земји.

Серијата средби во Вашингтон претставува продолжување на заложбите за зајакнување на стратешкото партнерство со САД, но и за негово преточување во конкретна економска соработка, нови инвестиции и проекти од интерес за нашата држава.
Посветеноста кон унапредување на партнерството, почитувањето на заедничките вредности и градењето стабилни и долгорочни македонско-американски односи остануваат важен темел на соработката меѓу двете држави.