
Денешната политика на Грција и забраните на македонскиот јазик, па и на месни панаѓури, дури и спречувањето да се пеат песни на македонски јазик, се, всушност продолжување на политиката на нивниот генерал Метаксас, само во друго „подемократско пакување“, пред кое бриселските либерални елити, олицетворени во Европската Унија, не само што замижуваат туку и директно го поддржуваат, барајќи целосно спроведување на Преспанскиот договор. Преспанскиот договор е стопроцентен „концентрат“ на сиот геноциден и идентитетски фашизам на Метаксас и многу други грчки политичари врз Македонците во сопствената татковина Македонија и врз Македонците во егејскиот дел на Македонија, денес во Грција
Суровите казни на фашистичкиот грчки режим на Метаксас за Македонците, поради говорењето на македонски јазик, присилувани и да одат во ноќни училишта, за да го учат грчкиот јазик
Во својата книга „Околу прашањето на македонското национално малцинство во Грција“ (Институт за национална историја, Скопје, 1954) Лазар Мојсов го споменува состанокот, одржан од окружниот управник во Леринската околија од 1936 година, кога бил констатиран фактот дека, сепак, „словенскиот“ јазик е многу раширен меѓу населението во околијата. Било констатирано дека дури и Грците трговци, заради профит, масовно го употребувале овој јазик. Споменат е примерот со еден Македонец од селото Нерет, Леринско, кој бил казнет поради употребата на македонскиот јазик во 1939 година. Македонците, што биле затворани, биле испраќани во специјалните затвори на Пилос, Акронавплија, Хиос и Гавдос, додека оние што биле прогонувани биле испраќани на островите Крит, Хиос, или на Крф. ВМРО (обединета), која во конкретниот момент била највидлив израз на политичката и националната активност на македонскиот народ во Грција, не останала надвор од прогонот на диктатурата. Нејзините членови Андреја Чипов, Христо Галабов, Коста Думов, Лазо Трповски, Трифун Хаџијанов, Неделко Поп Неделков и други се нашле во затворите и логорите на режимот.
Фашистичкиот грчки режим на Метаксас организирал ноќни училишта за Македонците, каде што тие биле обврзани да учат да читаат и да пишуваат на грчки јазик, но и да ја изучуваат и грчката историја. Суровоста добила свој израз и во казнувањето за непочитувањето на обврската за Македонците да ги истакнуваат грчките знамиња на своите куќи за време на националните празници, или да ги бојадисуваат своите домови со боите од грчкото знаме.
Од извештаите до државните служби на Грција: Македонците упорно се самоопределуваат како Македонци!
Треба да се споменат двата извештаја од овој период за македонското малцинство, составени од воденскиот учител Георгиос Пападопулос, кои се доставени до Државната служба за одбрана во временска разлика од две години (1936 и 1938). Првиот извештај е доставен во 1936 година и тој се нарекува „За емоционалната и јазичната ситуација кај Славофоните-Македонци и за наметнатите мерки за нивно погрчување“. Во извештајот најпрво се дава генерален заклучок дека иако ова подрачје е составен дел на Грција повеќе од 25 години, сепак, со оглед на тоа кој јазик е најзастапен меѓу населението, користењето на старите имиња и топоними, песните што се слушаат на разните веселби и обичаите сугерираат нешто спротивно. Најважниот заклучок на Пападопулос за Македонците е нивното „упорно карактеризирање на јазикот што го зборуваат како македонски“, како и „нивното упорно самоопределување како Македонци… и неволноста да го изучуваат грчкиот јазик“.
Според авторот на тој извештај, „ситуацијата со секојдневната употреба на македонскиот јазик била особено загрижувачка кај македонските интелектуалци, државните службеници и просветните работници – Македонци“. Во однос на националната свест, тој определува дека 70 отсто се определуваат како Македонци, кои „појавата на слоганот Македонија на Македонците ги наелектризира“. Преостанатите ги распределува како „гркофили и неопределени“. За да се надмине оваа „непријатна“ ситуација, Пападопулос предлага редица мерки за погрчување на македонското население. Најзначајни мерки се оние, што се однесуваат на образовниот процес: градење училишта таму каде што нема такви, воведување вечерни курсеви за учење грчки јазик, наставата исклучително да се одвива на грчки јазик, забрана „славофоните“ да предаваат во училишта, воведување разни стимулации за Грците што ќе учителствуваат во македонските села (двоен бенефициран стаж, пониски даноци итн.), доселување бегалци во овој регион, крштевање со грчки имиња и друго.
Вториот извештај, насловен како „Напорите во последните две години за погрчување на Западна Македонија“, е доставен во 1938 година. Анализирајќи го успехот од преземените мерки, Пападопулос признава дека, сепак, целиот процес е долготраен. Но тој смета дека вечерните училишта, масовното истакнување на грчкото знаме и организациите на националната младина (фашистичките ЕОН-организации на Метаксас) давале надеж дека чувствата кај Македонците ќе се променат со текот на времето.
Истражување на независниот австралиски новинар Биртлс: Грчката диктатура има развиено свој посебен вид на шовинизам – им го прави на Македонците она, што им го прават Германците на Евреите!
Австралискиот новинар и автор Берт Биртлс (1900-1994) во својата книга од 1938 година пишува дека нацифашистичкиот режим на диктаторот Јоанис Метаксас во Грција систeмaтски ги прогонува тамошните Македонци. Биртлс го споредува односот на грчките нацифашисти кон Македонците со тоа што германските нацисти им го правеле на Евреите. Заклучокот на Биртлс гласел: „И не само што преку својата изопачена нечовечност, грчката диктатура го имитира германскиот и италијанскиот модел, туку таа веќе има развиено свој посебен вид на шовинизам“.
Тој бил дописник на неколку весници: „Дејли телеграф“, „Сан“ и „Сандеј телеграф“. Заедно со својата сопруга Дора престојувал една година во Грција. Двајцата патувале низ целата земја, истражувајќи ја политичката ситуација. Биле сведоци на политичките борби, како и на прогонот и тортурата врз илјадници луѓе, меѓу кои и Македонците во злогласните логори на островите Гавдос, Анафи и други.
Врз сето она што го видел и забележал, Биртлс сведочел дека во име на „хеленизацијата“ грчките власти постојано ги прогонуваат Македонците и „ги апсат поради најнечуени причини“, „За да всади во нив соодветен (грчки) националистички дух, Метаксас го употребува методот со менување на изворните македонски имиња на местата во грчки и преку забранување (кон Македонците) да го употребуваат својот мајчин (македонски) јазик. Но, ако покажеле и најмал отпор, бидејќи се сметало како закана за безбедноста на државата, селаните–Македонци биле прогонувани без судење.“ – посочил Берт Биртлс во својата книга „Прогонети во Егејот, личен наратив за грчката политика и патувања“, објавена во Лондон во 1938 година.
Мерките на грчките фашисти и на генералот Метаксас преку јазичниот, духовниот и физичкиот геноцид да ги сотрат Македонците во Егејска Македонија не дале резултат, туку, напротив, уште повеќе го засилиле отпорот да се зачуваат македонскиот идентитет и јазик. Дури и во затворите Македонците давале силен отпор за зачувување на својот национален идентитет.
Втор и последен дел од статијата „Преспанскиот договор е стопроцентен „концентрат“ на геноцидниот и идентитетски фашизам на Метаксас од 1936 до 1940 врз Македонците во Егејот и нивниот идентитет и јазик“.
(Во подготвувањето на оваа статија се користени книгата на Донче Тасев „Македонците во Грција“ од 2011 година и научната студија „Македонија и односите со Грција“ на Македонската академија на науките и уметностите од 1993 година. Авторот изнесува во оваа статија согледувања од сопствена објективна политиколошко-лингвистичка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Ставовите на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“)