Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими претседателката на Собранието на Косово, Аљбуљена Хаџиу, која е во официјална посета на Македонија.
На средбата беше истакнато задоволството од добрите односи меѓу двете земји, редовниот политички дијалог и усогласеноста за важни меѓународни прашања.
„Македонско-косовските односи се одликуваат со редовен политички дијалог, заеднички стратешки цели и усогласени ставови за меѓународните прашања.
Укажав дека добрососедството, јакнењето на регионалната соработка и иницијативите како процесот Брдо-Бриони, придонесуваат за поголема почит, разбраност и препознатливост на Западниот Балкан како кредибилен партнер на ЕУ“, напиша Сиљановска-Давкова на Фејсбук.
Претседателката на Македонија ја потврди поддршката за евроатлантските стремежи на Косово, нагласувајќи дека напредокот на државите кон членство во ЕУ треба да се оценува праведно, според копенхашките критериуми.
Сиљановска давкова ја истакна и важноста на парламентарната соработка, редовните средби и размената на добри практики за унапредување на демократијата и европската интеграција на регионот.