Македонија

Сиљановска-Давкова од амбасадорите на земјите-членки на ЕУ побара да се движиме напред врз основа на заслуги

Упатувајќи честитки за сработеното во време на полското претседателство, кога светот се соочува со геополитички, безбедносни и економски предизвици, претседателката зборуваше за предизвиците на македонскиот интегративен пат

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на работниот ручек со амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија во земјава, по повод завршувањето на полското претседавање со Советот на ЕУ.

Свои обраќања имаа и полскиот амбасадор Мариуш Бримора и данската амбасадорка Перниле Деилер Кардел, чијашто држава го презеде претседателството на 1 јули годинава.

Упатувајќи честитки за сработеното во време на полското претседателство, кога светот се соочува со геополитички, безбедносни и економски предизвици, претседателката зборуваше за предизвиците на македонскиот интегративен пат.

Сиљановска-Давкова потсети на дведеценискиот македонски интегративен пат од добивањето на кандидатскиот статус, неправедните политички пречки коишто го кочат напредокот и ја поткопуваат јавната доверба во процесот на проширување во ЕУ. Таа укажа на последните истражувања на јавното мислење во земјава коишто покажуваат зголемена недоверба во политиката на проширување, дури и кај младите луѓе.

Претседателката предупреди на штетноста од билатерализацијата, посочувајќи дека ирационалните прашања поврзани со идентитетот или билатералните спорови не треба да ја попречуваат интеграцијата. Нагласувајќи дека застојот носи далекусежни ризици и го прави нашиот регион ранлив, таа оцени дека со поткопувањето на стабилноста на Западниот Балкан се загрозува и стабилноста на Европа во целина. Европската интеграција, според претседателката, не е само политичко прашање, туку и геополитички и безбедносен императив.

Сиљановска-Давкова го реафирмираше барањето да се движиме напред врз основа на заслуги, како и секоја друга земја-кандидат. Охрабрувачки, според неа, е што данското претседателство препознава дека понатамошното проширување на ЕУ е геополитичка неопходност. Таа нагласи дека е добро што Данска планира да го води процесот на проширување преку континуиран политички дијалог и во согласност со Копенхагенските критериуми и пристап базиран на заслуги.

Најнови вести од: Македонија

Илија Андовски привремен администратор на „Алта банка“ АД Битола

Тројца вработени во Народната банка – Илија Андовски, Весна Стојчевска и Марија Тодоровска, се именувани за администратори во „Алта банка“ АД Битола, со што управувањето со банката преминува во рацете на централната банка. Андовски е посебно овластен да ги потпишува одлуките што ќе се носат во периодот на привремената администрација.

Средба на Сиљановска-Давкова со Копман од ЕК: Потребно е забрзување на евроинтеграцијата во услови на блокади

Претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска-Давкова во рамки на работната посета на Брисел денеска оствари средба со Герт Јан Копман, генерален директор на Генералниот директорат за проширување и источно соседство (DG ENEST) на Европската комисија.

To top