Македонија

Спортската кариера завршува, но можностите остануваат: Зошто девојките не треба да го напуштат спортот по завршувањето на кариерата?

Жените во спортот не се само спортистки – тие се лидери, тренери, ментори и носители на промени.

Жените во спортот не се само спортистки – тие се лидери, тренери, ментори и носители на промени. Токму затоа Федерацијата за лизгачки спортови на Северна Македонија, во рамките на проектот „Фер игра: поддршка за родова еднаквост во спортските политики“, го реализира проектот „Девојките предводнички на идните професии во спортот“, насочен кон охрабрување на младите девојки да ги препознаат бројните можности за професионален развој во спортот особено по завршување на активната спортска кариера.

Проектот има за цел да ја подигне свеста за различните кариерни патеки достапни за девојките во спортот, да ја зајакне нивната самодоверба и да создаде поддржувачка средина во која тие ќе можат да останат активен дел од спортската заедница и по завршувањето на активната спортска кариера. Преку отворени настани, кариерно советување, меѓународна размена на искуства и промоција на позитивни приказни, проектот ги поврзува младите спортистки со успешни жени кои веќе изградиле професионална кариера во различни области поврзани со спортот.

Еден од тие примери е Авели Ауста од Естонија, која беше гостинка на Федерацијата за лизгачки спортови и на настанот „Разговори за кариера Vol.2 – Инспиративни приказни на жени во спортот“, одржан во Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје. Заедно со Билјана Кузмановска, национален тренер по мечување, таа ги сподели своите искуства со учесниците, кои имаа можност да слушнат инспиративни животни приказни и да учествуваат на две работилници посветени на личниот и професионалниот развој.

Авели Ауста денес е генерален секретар на Естонската велосипедска федерација, но нејзиниот пат до оваа лидерска позиција бил исполнет со бројни предизвици, важни одлуки и нови почетоци. Во разговор за Expres.mk таа споделува како спортот може да биде многу повеќе од натпреварување, зошто девојките не треба да се плашат од промените по завршувањето на активната спортска кариера и како меѓународната соработка може да отвори нови можности за личен и професионален развој.

„Спортската кариера завршува, но знаењата и искуствата остануваат засекогаш“

На прашањето кои биле клучните моменти што ја обликувале нејзината кариера, Ауста истакнува дека отсекогаш била водена од јасно поставени цели и истрајност.

„Мојот животен пат отсекогаш бил поврзан со движење напред – поставување цели, напорна работа за нивно остварување, нивно достигнување и потоа поставување нови предизвици“, вели таа.

Таа објаснува дека првично работела како пејзажен архитект (дел од нејзиното формално образование), а подоцна основала и своја компанија за уредување на пејзажи. Токму тоа искуство ѝ помогнало да ги развие своите лидерски вештини и да ја препознае способноста да ги мотивира и инспирира другите.

„Тоа ме охрабри да прифатам нови предизвици. Подоцна започнав да работам како тренер и кариерен советник, а потоа го основав и сопствениот спортски клуб заедно со мојот сегашен сопруг кој исто така е искусен велосипедист и тренер. Сето тоа дојде многу природно. Верувам дека најважно е да го слушате сопствениот внатрешен глас, да носите тешки одлуки кога е потребно и постојано да продолжувате напред.“

„Најголемиот предизвик е вербата во себе“

Според Ауста, еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат жените при градењето долгорочна кариера во спортот е недостатокот на самодоверба.

„Многу жени чувствуваат дека мора да бидат целосно подготвени или доволно добри пред да се осмелат да преземат нова улога“, објаснува таа.

Овој предизвик е уште поизразен кај спортистките кои со години биле фокусирани исклучиво на спортот, бидејќи преминот кон секојдневниот професионален живот бара време и адаптација.

Таа додава дека дополнителен предизвик е постигнувањето рамнотежа помеѓу работата, семејството и приватниот живот, особено затоа што работата во спортот често подразбира ангажмани надвор од вообичаеното работно време.

„Важно е спортистките уште за време на активната кариера да размислуваат кои се тие надвор од спортот. Спортската кариера не трае вечно, но вештините и искуствата стекнати преку спортот остануваат многу вредни и подоцна во животот.“

„Не чекајте да бидете совршено подготвени“

Како лидер, ментор и кариерен советник, Ауста има јасна порака за младите луѓе, особено за девојките кои сакаат да изградат кариера во спортот или спортскиот менаџмент.

„Не плашете се да започнете пред да почувствувате дека сте целосно подготвени. Најголемиот дел од учењето доаѓа токму преку практично искуство.“

Таа ги охрабрува младите девојки да бидат љубопитни, да поставуваат прашања и да се обидуваат во различни улоги.

„Спортот не се состои само од спортисти. Потребни се лидери, организатори, тренери, комуникатори, промотори, физиотерапевти, спортски психолози и многу други професионалци. А најважно од сè – пронајдете луѓе кои ве поддржуваат и ве инспирираат. Многу е тешко човек сам да направи сè.“

„Видливоста на жените создава нови можности“

Говорејќи за тоа како земји како Македонија можат дополнително да го поддржат развојот на жените во спортот, Ауста смета дека сè започнува со видливоста и позитивните примери.

„Кога младите девојки гледаат повеќе жени како тренери, лидери и успешни спортистки, тогаш и самите повеќе веруваат во своите можности.“

Таа нагласува дека е неопходно да се создаде безбедна и поддржувачка средина во која девојките ќе чувствуваат дека нивниот глас е важен и дека се ценети.

Посебно ја истакнува улогата на меѓународната соработка.

„Проекти како овој им овозможуваат на луѓето да разменуваат искуства, да создаваат нови контакти и да се инспирираат едни со други. Понекогаш е доволен само еден состанок или еден разговор за некој да го направи следниот важен чекор во својот живот“, заклучува Авели Ауста.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Народот што ги чува своите корени, јазик и култура секогаш има иднина

На свечената академија присуствуваше македонска владина делегација во која беа и вицепремиерот Иван Стоиљковиќ, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и министерот за култура Зоран Љутков.

To top