Македонија

Тошковски: Има хибриден напад кон државата, но и премногу случајности околу пожарите!

Запрашан дали дали мотивот за овие хибридни напади преку пожари е и да се урне оваа Влада на Република Македонија, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кратко одговори: Има и такви индиции. Клопчето почна да се одмотува! Поголема група од повеќе од 20 лица се вмешани на ваков, или на таков начин, во сите овие процеси.“

Министерот за внатрешни работи на Република Македонија Панче Тошковски вечерва изјави дека е факт оти има хибриден напад кон државата, како и дека во последните неколку дена имаше пожари на четири критични точки. Тошковски не сакаше да открива детали за истрагите за последните пожари во Скопје, но рече дека има основи за сомнежи и индиции за вклученост на повеќе од дваесет лица.

На новинарско прашање во „Тема на денот“ на ТВ Сител дали мотивот за овие хибридни напади преку пожари, а со тоа и нарушување на здравјето на граѓаните, е да се урне оваа Влада, министерот за внатрешни работи кусо одговори: „Има и такви индиции. Клопчето почна да се одмотува!“ Тој негираше дека овие настани ќе влијаат на локалните избори во земјата.

„Факт е дека има хибриден напад спрема државата. Никогаш во изминатиов период на оваа тема ниту сум го демантирал премиерот, ниту тој кажал невистини и паушални изјави, поврзани со оваа тема. Факт е дека имаме напади врз државата од повеќе страни и од повеќе аспекти. Јас ќе говорам само за факти. Факт е дека кога почнаа пожарите првиот ден имавме најмалку на шест-седум места критично важни точки особено за Скопје и за државата, каде што имавме подметнати пожари. Факт е дека последните два-три дена ни гореа четири опасни точки, од кои три депонии, кои легални, кои нелегални, како и една фабрика за рециклирање електронски отпад. Факт е дека на една од овие точки механизацијата не била во функција. Факт е дека не биле на работа оние, што требало да следат една од овие четири критични точки согласно со закон и согласно со подзаконски акти: дента кога настанал пожарот дел биле на боледување итн… Факт е дека биле турнати одредени столбови, на кои имало одредени средства за набљудување… Ова се премногу случајности, за да се убедиме дека ова не е со поинаква намера од онаа, што се обидуваат да ја прикажат во јавноста.“ – нагласи Тошковски.

Но, исто така, продолжи тој, е факт дека во Вардариште има 200 Роми, кои живеат таму и најверојатно одреден дел од нив се конкретни подметнувачи на пожар на Вардариште, дека најверојатно електронскиот отпад не бил чуван соодветно, оти во рамки на контролите, што се вршени деновиве, Министерството за животна средина утврдило несоодветно чување гуми, прегорено масло и друг тип на отпад во рамки на ЈСП Скопје… „Имаме премногу вакви факти, коишто ќе треба службите во рамки на МВР да ги сработат, а ги работат.“ – посочи првиот човек на Министерството за внатрешни работи Панче Тошковски. 

Тој напомна дека во овој моментот не може да изнесе повеќе информации. Посочи дека МВР има основи за сомнеж и индиции за сето ова, за коешто се зборува изминатиов период. „Има една поголема група на луѓе, кои на ваков, или на таков начин, се вмешани во сите овие процеси.“ – рече Тошковски. Тој појасни дека станува збор за повеќе од дваесет лица и оти во интерес на истрагата не може да изнесува повеќе детали.

Тошковски повтори дека за пожарите летово досега МВР има уапсено 40 тина лица, но и оти тие меѓу себе не се поврзани во рамки на некаква организирана група. Тој нагласи дека тие не се меѓу оние лица, што се поврзуваат со последните неколку пожари. „МВР засилено работи на ова.“ – рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Нетпрес

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Мојот идентитет не е создаден од Југославија!

„Идентитетот го опфаќа името на државата и мојот јазик; тој е наследство од моите предци, моето културно наследство и богатата македонска историја – како и од оние предци кои со својата крв го платија животот што го живееме денес, вели премиерот

Пренесувањето на моштите на Гоце Делчев и наводните на Самуил – огледало на бугарската политика кон Македонија, од добрососедство до историски ревизионизам!

Државната и политичката свест на Бугарија за 80 години се развиваше во негативна насока: од држава, која во 1946 година официјално ја признаваше македонската национална самобитност, идентитет, држава, јазик и историја, до држава-членка на ЕУ, која денес во 2026 година практикува историски ревизионизам кон Македонија, стремежи да ја „прекрои“ нејзината автентична национална историја. Но и стремежи за бугаризирање на македонскиот идентитет и јазик. Официјална Софија денес прибегнува кон вета и блокади на македонската евроинтеграција во обид да ги оствари своите асимилаторски цели и стремежи. Двата столба на македонскиот идентитет и државност се под опсада: Цар Самоил, како македонски државотворен столб на средновековието, и Гоце Делчев, како столб на современата државност и идентитет на македонскиот народ. Toa сe двете клучни точки, кои Софија упорно се обидува да ги бугаризира. Стратегијата не е насочена само кон одделни историски периоди, туку кон целосно растурање и поништување на континуитетот на македонскиот идентитет и државотворните стремежи и традиции на македонскиот народ од минатите векови до денес.

Кос: Многу земји имаат заедничка историја – да се насочиме на иднината

Еврокомесарката за проширување Марта Кос порача дека „иако многу земји имаат заедничка историја, фокусот треба да биде на иднината и на она што може да го постигнат заедно“. „„Многу земји имаат заедничка историја. Добро е што го признаваме тоа, но да гледаме кон иднината и кон она што можеме заедно да го постигнеме“, истакна Кос.

To top