Струјата повторно е вклучена во четирите факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и во зградата на Ректоратот, откако е постигнат договор преостанатите неплатени сметки да бидат подмирени најдоцна до петок. Договорот, сепак, не значи дека проблемот е решен: доколку обврските не бидат платени во утврдениот рок, факултетите повторно може да останат без електрична енергија.
Според информациите до кои дојде „Плусинфо“, договорено е УКИМ да ги плати заостанатите сметки до петок, со што засега е избегнато продолжување на прекинот на снабдувањето. Доколку рокот не биде испочитуван, повторно се отвора можноста за исклучување на објектите.
Проблемот изби утринава, кога без струја останаа Машинскиот, Електротехничкиот, Природно-математичкиот и Земјоделскиот факултет, како и зградата на Ректоратот. Причината беа неподмирени обврски кон снабдувачот со електрична енергија, кои, според информациите на „Плусинфо“, достигнале околу половина милион евра. Најголемиот дел од долгот го направиле самите факултети.
Исклучувањето на универзитетските објекти отвори и пошироко прашање за долговите на државните институции за електрична енергија. Претходно беше посочено дека во наредните денови се можни нови исклучувања и во други јавни установи, меѓу кои и културни институции, а предупредувањата се однесуваат и на Пошта.
Дополнителен показател за обемот на проблемот се обврските на јавните и државните институции кон ЕСМ, кои, според податоците на компанијата, надминуваат 24 милиони евра. Оваа сума се однесува на институциите во целина, а не само на УКИМ.
Така, иако снабдувањето со струја на факултетите е нормализирано, нивната судбина сега зависи од тоа дали заостанатите сметки ќе бидат платени до петок.
Редакцијата на „Плусинфо“ претходно побара став од Министерството за образование и наука за исклучувањето, висината на обврските и можноста за надминување на проблемот, а оттаму кратко ни одговорија дека има стуруја.