Македонија

(Видео): Македонија со своја „фабрика“ за производство на алатки за вештачка интелигенција

Македонските стартапи, мали и средни претпријатија, студентите и истражувачите наскоро ќе можат да развиваат сопствени решенија со вештачка интелигенција без да инвестираат во скапа инфраструктура. Тоа треба да го овозможи „Везилка“ – првата национална фабрика за вештачка интелигенција, која ќе ги поврзе домашните компании и академската заедница со европските суперкомпјутери и дигитални ресурси.

Македонија го прави досега најголемиот исчекор во областа на вештачката интелигенција. Денес официјално започна проектот „Везилка“ – првиот Национален центар за вештачка интелигенција, кој треба да стане клучна инфраструктура за развој на знаење, иновации и современи технолошки решенија во земјата. „Везилка“ треба да придонесе за развој на македонски јазични модели и дигитални алатки на македонски јазик бидејќи, како што беше речено на промоцијата, дигиталното присуство на македонскиот јазик, како еден од јазиците со најмал број говорители во светот, е прашање и на зачувување на македонскиот културен идентитет.

Овој предизвик за мала нација како што сме ние е голем, меѓутоа е и нова можност, порача премиерот во своето обраќање на промоцијата.

  • „’Везилка’ е почеток на процес кој ќе придонесе за посилна наука, подобра економија и поголеми можности за младите луѓе, и кој ќе помогне земјата да се позиционира онаму каде знаењето е многу значајно и во исто време да ја поддржува иновативноста и да создава услови иднината да се гради дома со домашен потенцијал, домашна експретиза и домашна визија“, рече Мицкоски.

Според премиерот, пристапот до европската инфраструктура за вештачка интелигенција и до напредни супер компјутерски капацитети ќе овозможи идеи создадени во државава да добијат можност да се натпреваруваат на европско и глобално ниво. Тоа, потенцира тој, претставува силен поттик за економски раст за нови работни места и нови можности за генераците што доаѓаат.

Преку овој центар, оцени премиерот, се отвораат нови перспективи за македонските истражувачи и универзитети, за стартап-заедницата и за компаниите кои сакаат да развиваат прозводи и услуги со висока додадена вредност.

  • „Особено значење има и фактот што ‘Везилка’ ќе придонесе за развој на македонски јазични модели и дигитални алатки на македонски јазик. Во време кога новите технологии се повеќе стануваат простор во кој се создава и споделува знаење присуството на сопствениот јазик претставува прашање на културен контиунитет, научен развој и национална самодоверба. На тој начин се создаваат услови македонскиот јазик да биде рамноправно присутен во современите технолошки процеси и достапен за идните генерации во дигиталната ера“, кажа Мицкоски. 

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на промоцијата рече дека со „Везилка –  Националната фабрика за вештачка интелигенција” започнува процес што ќе трае со години и ќе остави траен белег врз нашата економија, наука и општество.

  • „И затоа нашата цел е јасна – да изградиме Македонија која не ја следи технолошката иднина, туку активно учествува во нејзиното создавање“, рече министерот.

Нашата визија, додаде Андоновски, е вештачката интелигенција да стане алатка во служба на поефикасна администрација, поголема транспарентност, подобро планирање и поквалитетни услуги за граѓаните. На ваков начин, додаде тој, се поставува темел на нова национална инфраструктура за знаење, иновации и технолошки развој.

  • „Визија во која нашата држава не е само корисник на новите технологии, туку нивен активен создавач. И тоа не како ад-хок проект кој ќе се заборави по неколку денови, туку како системска трансформација“, рече Андоновски.

Евроамбасадорот Михалис Рокас смета дека денешниот настан е многу повеќе од инаугурација на уште еден проект финансиран од ЕУ и оти станува збор за поврзување на Северна Македонија со една од најамбициозните технолошки иницијативи некогаш преземени од Унијата.

  • „Преку иницијативата Фабрики за вештачка интелигенција (AI Factories), Европа создава мрежа од капацитети од светска класа кои на едно место ги здружуваат компјутерската моќ, податоците, талентот, истражувачките институции, стартапите, индустријата и јавните власти. Денес, 19 фабрики за вештачка интелигенција и 13 антени за вештачка интелигенција помагаат во изградбата на вистински меѓусебно поврзан европски екосистем за вештачка интелигенција. ​Преку Заедничкото претпријатие за европско компјутерско работење со високи перформанси (EuroHPC), Европа инвестира милијарди евра во напредна суперкомпјутерска инфраструктура, додека иницијативата „Инвест АИ“ (Invest AI) има за цел да мобилизира до 200 милијарди евра јавни и приватни инвестиции за поддршка на развојот на доверлива вештачка интелигенција. ​Ова не е едноставно само прашање за технологијата. Станува збор за идната конкурентност на Европа и нејзината стратешка автономија. Станува збор за осигурување дека иновациите му служат на општеството и дека придобивките од вештачката интелигенција се широко и еднакво споделени. ​И ова е токму причината зошто „Везилка“ ја претставува портата на Северна Македонија во овој екосистем на вештачка интелигенција“, рече евроамбасадорот во обраќањето.

Преку „Везилка“, посочи министерот, Македонија ќе добие директен пристап до европски суперкомпјутери, напредни податочни простори и современи алатки за развој и тестирање на модели на вештачка интелигенција. Ова, значи дека нашите истражувачи, компании, стартапи, институции ќе можат да работат со инфраструктура која до вчера била достапна само за најразвиените европски центри.

https://youtu.be/z4nEN6yn5xE

Најнови вести од: Македонија

Интервју: Глупост е Самуил да се враќа во Бугарија, тој таму никогаш и не бил, вели професор Атанасовски

Професорот Александар Атанасовски, чија специјалност е средниот век, вклучително и времето на Византија и Самуиловото Царство, беше гостин во емисијата Радио Точка, во рамки на програмата Хоризонт на Бугарското национално радио БНТ. Централна тема – договорот меѓу Бугарија и Грција за пренесување на наводните коски на цар Самуил од Солун во Софија.

(Фото): Означен стартот на 22. издание на „Виз Ер Скопски маратон“, улиците преполни со учесници

Град Скопје е покровител на спортската манифестација, а градоначалникот вели дека градските служби се подготвени да ја обезбедат потребната поддршка за нејзино успешно одржување.

Пола Скопје ќе биде затворено за сообраќај – стартува 22. издание на „Виз Ер“ Скопскиот маратон

Од Министерството за внатрешни работи апелираат граѓаните да го избегнуваат движењето по овие сообраќајници во периодот од 06:00 до 14:00 часот и да ги почитуваат наредбите на полициските службеници на терен.

(Видео): Државата е енергетски стабилна, се очекува поевтинување на горивата, вели Мицкоски

Државата не е голем потрошувач на гас и постои план за справување со можните предизвици, велат од Владата. Премиерот кажа и дека разговарал со големите нафтени компании. Премиерот очекува и поевтинување на горивата веќе од следната недела.

To top