Македонија

(Видео): Станавме дел од енергетската мапа – со повеќе алтернативи до поголема конкурентност и пониски цени, рече Божиновска

Потпишувањето на Меморандумот за разбирање во Солун со кое Македонија и Србија и официјално се вклучија во Вертикалниот коридор, доби голема медиумска покриеност во Грција со коментари дека се воспоставува „нов енергетски мост од Грција кон Балканот“, додека пак од ДЕСФА посочуваат дека е „значаен чекор за проширувањето на регионалната енергетска соработка“.

Македонија вчера и официјално се приклучи кон Вертикалниот гасен коридор, со Меморандумот за соработка што беше потпишан во рамки на 10. Форум за енергетика на Југоисточна Европа. На церемонијата во Солун присуствуваше и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска. Таа рече дека по три децении, конечно, не сме изоставени од енергетската мапа и ќе имаме алтернативно спојување. Како што оцени, секогаш кога има повеќе алтернативи, кога не зависиме само од еден извор, има и поголема конкурентност и пониски цени.

Министерке Божиновска, учествувавте на јубилејниот 10. Енергетски форум и на 6. Метрополитен самит во Солун. Отворени беа многу актуелни прашања околу енергетската безбедност и сигурност. Која е клучната порака?

– Да, вчера бев присутна на 6. “Metropolitan Summit” и на многу важниот јубилеен 10. Енергетски форум во Југоисточна Европа. Најважната порака беше тоа дека ние конечно не сме изоставени од енергетската мапа. По три децении, конечно ќе имаме и алтернативно спојување. Го потпишавме Меморандумот со што веќе сме и дел од Вертикалниот коридор. Тоа значи дека ако првенствено тоа беше замислено да биде Грција, Бугарија, Романија, Унгарија, Словачка, сè до Украина и Молдавија, сега и ние, заедно со Република Србија, сме дел од ова семејство.

Со вчерашното потпишување на Меморандумот за соработка, Македонија официјално се приклучи кон Вертикалниот гасен коридор. Што ќе значи тоа за државата, ќе не позиционира ли поинаку на енергетската мапа?

– Секако, сега веќе ние сме дел од ова семејство, нè има на мапата, меѓутоа, како што знаете, секој енергетски проект не е нешто што за месец-два се реализира. Интерконекторот со Република Грција оди според планираните работи, што значи дека следната година, некаде во јуни-јули, би требало да биде сè завршено. Во однос на Република Србија, минатата недела во Владата назначивме локален домашен изведувач, така што до крајот на 2027 година би биле подготвени, што значи ние може да сме и транзит. Тоа значи дека ќе има бенефит, ќе се плаќа и кај нас, а исто така ќе може да се овозможи алтернативна рута, односно нема само да имаме едно спојување од Република Бугарија.

Колку приклучувањето на коридорот ќе ја подобри стабилноста во снабдувањето и дали може да се очекуваат директни придобивки во однос на ценовната предвидливост за македонското стопанство и граѓаните?

– Секако дека цените зависат од геополитичките случувања, меѓутоа, секогаш кога има повеќе алтернативи, односно кога не зависиме само од еден извор, кога има друга можност, има и поголема конкурентност и пониски цени.

Дали потпишаните документи на Форумот содржат конкретни обврски за забрзување на реформите во енергетскиот сектор што ги бара Енергетската заедница?

– Конкретни обврски немаме, меѓутоа има околу шест точки што понатаму би требало да се случуваат. Ќе биде се достапно, па може сите да прочитате што произлегува од Меморандумот. Како и сите меморандуми што ги имаме потпишано, документите ќе бидат објавени на нашата веб-страница. Кога сите ќе се завршат со процедурите, ќе биде сè преведено и објавено.

Најнови вести од: Македонија

Стопанската комора бара посебен статус за транспортерите – нивно изземање од шенгенските ограничувања

Посебен статус за професионалните возачи и нивно изземање од шенгенските ограничувања што важат за туристите предлага Стопанската комора како решение за проблемот со македонските транспортери.

Мисирков: Македонците да имаат македонско гледиште, одделувајќи ги своите интереси од интересите на Бугарија – „лошиот демон за Македонија“!

„Бугарската надворешна политика е главниот извор на сите наши несреќи. Затоа не може и да се зборува за некакви арнотии од Бугарија за Македонија. … Македонци! Време е да се убедиме оти лошиот демон за Македонија не е никој друг освен Бугарија. Ете зошто треба час поскоро да си ги одделиме нашите интереси од бугарските..“ – нагласува авторот на „За македонцките работи“ Крсте Мисирков во својот реферат со наслов „Имат ли се нужда од македонцки национални научно-литературни другарства?“, кој го изнесува на денешен ден, на 28 септември 1903 година во Македонското научно-литературно другарство „Св. Климент“ во Санкт Петербург (тогаш Петроград). Тогаш идеологот на македонизмот Крсте Мисирков најдиректно ја формулирал идејата дека македонското прашање мора да има сопствен македонски глас. Истапувајќи на денешен ден пред 123 години како национален мислител од највисок ранг тој се залага Македонија да не биде предмет на туѓи политики, а Македонците сами да ја одредуваат сопствената национална и политичка позиција на Балканот – вонвременски завет и предупредување од исклучително значење во ова „евроинтеграциско време-невреме“ за македонскиот народ.

To top