Македонија

Започна светиот месец Рамазан

Во текот на овој месец, од изгрејсонце до зајдисонце, верниците се воздржуваат од храна и пијалаци, но и од лоши зборови, постапки и намери, стремејќи се кон целосно духовно и морално прочистување

Муслиманските верници од утрово го започнаа светиот месец Рамазан, период на пост, духовна дисциплина и внатрешна преобразба што ќе трае 29 дена, заклучно со 20 март.

Во текот на овој месец, од изгрејсонце до зајдисонце, верниците се воздржуваат од храна и пијалаци, но и од лоши зборови, постапки и намери, стремејќи се кон целосно духовно и морално прочистување.

Рамазан, деветтиот месец од исламскиот календар, има особено значење во исламската традиција. Според верувањето, токму во овој месец пред повеќе од 14 века на пророкот Мухамед му биле објавени првите стихови од Куранот. Постот е еден од петте столбови на исламот и претставува верска обврска за секој полнолетен и здрав муслиман. Исклучоци постојат за болните, бремените жени и лицата што извршуваат тешка физичка работа.

Круна на постот е тридневниот празник Рамазан Бајрам, кој започнува на 20 март. Тоа е време на семејни собири, празнични трпези и посети на роднини и пријатели. Првиот ден од Бајрам е и државен празник, па 20 март (петок) ќе биде неработен ден за сите граѓани.

Во пресрет на почетокот на постот, поглаварот на Исламската верска заедница, реисул-улема Шаќир Фетаи, упати порака до верниците, нагласувајќи дека Рамазан е период кога срцето станува почувствително, совеста поостра, а врската со Алах – подлабока.

„Рамазан е повик кон внатрешен мир и кон враќање кон суштинските вредности. Целта на постот е богобојазливоста – постојана свесност за Алах што го насочува човекот во мислата, зборот и делото“, истакнува Фетаи. Според него, воздржувањето од дозволеното, како храната и пијалакот, ја зацврстува волјата и ја гради самоконтролата, неопходна за откажување од забранетото.

Тој потсетува дека вистинскиот пост не завршува со телесната дисциплина. „Не е доволно да пости стомакот, треба да замолчи и злото во нас. Рамазан бара да се оттурнат раздорите, клеветите и горделивоста, а на нивно место да се вградат милоста, благодарноста и солидарноста“, порачува поглаварот на ИВЗ.

Фетаи повикува месецот да се искористи за лична и заедничка преобразба, за искрено покајание, простување и обновување на меѓусебната доверба. Тој изрази надеж дека Рамазан ќе донесе мир во семејствата, единство во заедницата и стабилност во татковината, посакувајќи им на верниците лесен и прифатен пост.

Најнови вести од: Македонија

Николоски: Автопатот Прилеп – Битола се гради со силна динамика, започнуваме постапка за изградба на автопат и од Фариш до Прилеп

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска од Прилеп најави три крупни инфраструктурни проекти за долгорочен развој за општината

Законот за високо образование нема да се повлече, јавнaта расправа продолжува

Министерката за образование и наука Весна Јаневска на седницата на Собранието посветена на пратеничките прашања од опозицијата рече дека нема намера да ги повлече предложените измени во Законот за високо образование, наспроти поплаките од универзитетите и барањата од опозицијата тоа да го стори.

To top