Македонија Колумни

Заветот на Никола Вапцаров, стрелан од Бугарите на 23.7.1942: Ние сме Македонци и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза! Ќе нѐ спаси само надежта!

Никола Вапцаров со жесток патриотски занес им отсече на оѕверените и занемени судии во бугарскиот фашистички суд во 1942 година во Софија: „Дејствував со полна свест дека ѝ служам како нејзин верен син на својата Татковина. Се борев за нејзината среќа, готов сум да умрам за неа!“

„Ако тагуваме за својата Татковина, ако во нас има капка македонска крв, ако во нас останала капка благодарен патриотизам, овојпат треба да се впрегнеме, ропски да се впрегнеме, за да понесеме дел од одговорноста на едно дело и жестоко величие на една епоха… Ние треба да ја познаваме македонската историја и најмногу историјата на национално-револуционерното движење – Илинден, Гоце, Даме… Ние сме Македонци. Затоа и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза…“ – ова се зборовите на македонскиот револуционер и поет Никола Јонков Вапцаров од неговиот реферат, кој го поднел по повод основањето на Македонскиот литературен кружок во Софија во 1938 година. Заедно со Михаил Сматракалев и Антон Попов Вапцаров е еден од основачите на Македонскиот литературен кружок во Софија, во кој подоцна се вклучуваат и Коле Неделковски, Венко Марковски, Ѓорги Абаџиев и други. 

Салваторе Квазимодо: „Народите, кои имаат личности како Вапцаров, растат во очите на светот!“

На денешен ден, на 23 јули 1942 година, на возраст од триесет и три години, колку што имал и Исус Христос на распетието, во Софија е стрелан Никола Јонков Вапцаров, македонски поет и писател, есеист, новинар и револуционер, македонски писател со бугарско државјанство, комунист. Тој е роден во Банско, Пиринска Македонија, денес во Бугарија, на 7 декември 1909 година, во семејство, кое му било посветено на македонското ослободително движење. Оваа 83-та годишнина од смртта на овој пламенен поет на македонската национална кауза е соодветна пригода за ново навраќање кон неговиот живот и дело, кон пораките од неговото творештво, кои со иста важност и еднакво силно прозвучуваат и денес во овој општествен-политички миг на Македонија и македонскиот народ. За творештвото на Вапцаров италијанскиот поет Салваторе Квазимодо има кажано: „Народите, кои имаат личности како Вапцаров, растат во очите на светот!“

Никола Вапцаров бил најсилен поетски талент меѓу Македонците, кои твореле на други јазици, освен на македонскиот јазик. Неговата единствена стихозбирка со наслов „Моторни песни“ („Моторни пѣсни“) содржи 20 песни, напишани на бугарски јазик. Нему му припаѓа видно места во бугарската книжевност, иако во животот и преку својата поезија недвосмислено изјавувал дека е Македонец, без оглед што творел на бугарски јазик. Неговата поезија е изразито родољубива, општествена, револуционерна и човекољубива. Вапцаров бил член на Сојузот на бугарските писатели. Посмртно му била доделена почесната Меѓународна награда за мир во 1952 година.

Се запишал во Морнарско-машинското училиште во Варна, каде што се сретнал со марксистичко-ленинистички кружок и станал негов активист. Таму го објавил своето прво поетско дело – стихотворбата „Кон светли идеали“. По завршувањето на школувањето во 1932 година Вапцаров станал машински техничар, отпрвин на еден брод, со кој патувал по северниот брег на Африка. Во 1940 година ја издал својата прва и последна поетска збирка „Моторни песни“. Во септември 1941 година се вклучил активно во револуционерната дејност во Бугарија и учествувал во диверзантски акции. Истовремено, работел активно и како соработник на Централниот комитет на Бугарската комунистичка партија. Поради своите антифашистички активности и диверзантски акции Никола Вапцаров бил постојано следен од бугарската полиција и бил затворан. Раководителот на пиринското партизанско движење Никола Парапунов го поканил да се приклучи во раководството на движењето, ценејќи ги неговите диверзантски и разузнавачки акции врз важни објекти, со кои се служеле фашистите во Бугарија.

Како соработник на воената организација на Бугарската комунистичка партија на 4 март 1942 година Вапцаров бил уапсен, заедно со Антон Попов, член на Македонскиот литературен кружок. Потоа бил подложен на жестоки измачувања од полицијата во текот на четири месеци. Заедно со поголема група антифашисти, во судскиот процес против ЦК БРП, Вапцаров бил осуден од фашистичкиот суд заедно со Антон Попов на смртна казна без право на жалба. Под притисок на своите роднини Никола напишал молба за помилување до бугарскиот цар, во која побарал смртната казна со стрелање да му биде заменета со казна доживотен затвор. И покрај тоа, на 23 јули 1942 година Никола Вапцаров и Антон Попов, заедно со четворица други бугарски комунисти, биле стрелани во дворот на една софиска касарна.

Вапцаров пред бугарскиот фашистички суд: „Дејствував со полна свест дека ѝ служам како верен син на својата Татковина!“

Во својата научна статија со наслов „Беседа за делото на Вапцаров“ историчарот и академик Блаже Ристовски изнел впечатливи согледувања и факти за животот на Никола Вапцаров , а особено за последните животни мигови пред да биде убиен од Бугарите. Покрај другото, Ристовски пишува: „Куршумот и гробот како да се амблемот на девствениците на Македонија. Од едниот Илинден – до другиот. Куршумот го спречи животот на Никола Вапцаров кога немаше ни полни 33 години. Како Кочо Рацин, Антон Попов, Коле Неделковски, Мите Богоевски, Ацо Караманов… Слободата им беше помила од животот. Пред фашистичкиот суд во Софија Вапцаров гордо и смирено одговори: Се борев за среќата на мојата татковина, готов сум да умрам за неа! На оѕверените и занемени судии со жесток патриотски занес им отсече: ‘Дејствував со полна свест дека ѝ служам како верен син на својата Татковина. Не се кајам. Милост од никого не молам! ‘(Според книгата на неговата сопруга Бојка Вапцарова со наслов ‘Спомени за Вапцаров’, објавена во Софија во 1961 година).“

Натаму во статијата Блаже Ристовски има напишано: „На избезумената мајка непосредно пред стрелањето како утеха и рече: ‘Мамо, јас треба да умрам. Гледај да свикнеш со таа мисла, смирувај се со зборовите на твојот Христос: Ако житното зрно најнапред не умре, тоа нема да даде плод.’ Плотунот од зинатите цевки на стрелачкиот вод ја прекина неговата песна: ‘Тој што ќе падне во бојот за слобода – тој не умира…’ Но, песните на Вапцаров бесмртно ја продолжија потрагата по слободата и правдата за неговиот народ… Во раката на неговата сопруга Бојка остана ливчето со заветните стихови: ‘Но в бурата пак со тебе ќе сме,народе мој, зашто си се сакавме’. (последен стих од песната на Вапцаров ‘Претсмртно’).“

Вапцаров: „Земјо моја! Прекрасна земјо моја!… / Поена со крв, / лулеана в тешки метежи.“

„Вапцаров беше завештан на олтарот на Татковината. Тој се роди и растеше под стреата на ајдутскиот Пирин, од лулка ги слушаше песните и легендите за народните борци и ја учеше буквата ‘р’ преку зборот ‘револвер’, зашто во родниот дом бдееше духот на Илинден и фанатично се мечтаеше за Вториот… Никола Вапцаров беше задоен со две љубови: Поезијата и Татковината. И доследен им остана до последниот здив. Борбата со веќе вековна историја ја озаруваше слободата и единствената иднина на еден поробен и поделен народ. Никола Вапцаров не го дочека толку мечтаениот ден… Но неговото дело и денеска пулсира во нашата слобода. Гробовите се само светли знамења на македонската историја.“ – нагласува академик Блаже Ристовски на крајот на својата статија „Беседа за Вапцаров“.

Можеби најубавата, најпопуларната, но и од Бугарите најоспорувана песна на Вапцаров, е песната „Земја“. Иако е напишана на бугарски јазик, таа блика од патриотизам. Поетот со нежни зборови ја опишува својата татковина Македонија и љубовта што ја чувствува кон неа. Неговите стихови секој Македонец ги чувствува како да го галат… зашто неговата земја — со водопадите, сонцето, цвеќето, Пирин, Охрид, Егеј — е најубавата земја. Овде донесуваме дел од неа во превод на македонски јазик: „… над мојата земја напролет / зраци сеат сјај / и грмат водопади од од сонце / над роден ми крај. Чувствуваш длабоко / срцето на земната град / и гледаш цвеќа безбројни / скокум како раснат. Над мојата земја / в небото опира  Пирин. /Облаците в бура / илинденски прикаски пејат,/ охридскиот лазур е / бескрајно син и ширен, / а надолу уште изгрејсонце Егеј го грее. /Си спомнам ли само – и ете надојдува крвта / во срцето, кое се топи од некаква нежност…/ Земјо моја! Прекрасна земјо моја!… / Поена со крв, / лулеана в тешки метежи.“

Вапцаров: „Нас ќе нѐ спаси само надежта!“

 Во Бугарија овој македонски патриот – вљубеник во Македонија денес се означува како бугарски поет и „Бугарин по род“., бидејќи пишувал на бугарски јазик. Иако Вапцаров во својата поезија ја воспевал само својата татковина Македонија, но не и Бугарија, која го убила. Еден од најтешките бугарски фалсификати за личноста и поезијата на македонскиот поет  Вапцаров е неговиот „прием како редовен член на Сојузот на писатели  на Бугарија во 1947 година“, а го убиле во Софија пет години пред тоа! Ова го истакнува фејсбук-профилот „Македонија: вистинска бесконечна приказна“ („Macedonia: a True Endless Story“), која објавува историски документи и сведоштва, објавувајќи и соодветен документ.

Во својата статија со наслов „Поминаа 80 години од стрелањето на Никола Јонков Вапцаров: Нас ќе нѐ спаси само надежта!“, објавена во весникот „Нова Македонија на 23 јули 2022 година., писателот и публицист Блаже Миневски има напишано: „Пред околу десеттина години имав средба во Софија со неговата внука од брат Маја Вапцарова, и таа тогаш за првпат откри дека е  пронајден дневник на Никола, пишуван за време на неговото школување во Варна: „ Станува збор за негов непознат дневник, воден во Воено-поморското училиште во Варна од 1926 до 1930 година. Маја цитира една реченица од дневникот на Вапцаров: ’Нас ќе нѐ спаси само надежта!“.

 

 

 

To top