Извршниот директор на „Фрапорт Грција“, компанијата која управува со 14 грчки аеродроми, предупреди дека новиот Систем за влез и излез (ЕЕС) на Европската Унија во сегашната форма не може да функционира и дека мора целосно да се преработи.
Александер Цинел во интервју за „Фајненшл тајмс“ изјави дека системот има „суштински недостатоци“, поради што патниците се принудени да поминуваат низ долги биометриски проверки, што доведува до хаос и повеќечасовно чекање на аеродромите, често изложени на екстремни горештини.
Грчката полиција привремено ги суспендирала сите биометриски проверки за британските државјани, кои претставуваат најголем дел од туристите надвор од ЕУ. Според Цинел, ова привремено решение е единственото што го спречува системот целосно да колабира.
„Ова се само привремени решенија. Системот мора целосно да се преработи. Потребна е нова верзија, надградба и веројатно целосна реконфигурација, за луѓето да можат да се регистрираат пред летот, пред да се качат во авион и пред да стигнат на аеродром“, изјави Цинел.
Системот ЕЕС почна постепено да се воведува во октомври минатата година, но откако целосно стапи во сила во април, предизвика долги редици, технички проблеми и откажани летови. На некои аеродроми биле поставени дури и шатори за заштита од сонце за патниците што чекале на пистата.
„Ова е многу непријатно за патниците, па дури и опасно“, рече Цинел.
Минатата недела претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, призна дека постојат „технички проблеми“ со системот.
Цинел истакна дека грчките аеродроми не се проектирани за вакви долги проверки и дека е апсурдно да се градат нови терминали за систем што би можел да функционира преку интернет, како што е случајот во Велика Британија, Канада и САД.
Осум земји, меѓу кои Германија, Франција, Италија, Грција и Холандија, испратиле писмо до Европската комисија со барање привремените олеснувања да продолжат и по септември. Сепак, Комисијата засега не дозволува целосно суспендирање на системот на одделни аеродроми.
Од септември привремените исклучоци повеќе нема да бидат дозволени, што предизвикува загриженост кај операторите за следната туристичка сезона.