Македонија

HELLENiQ ENERGY и Chevron го прошируваат стратешкото партнерство со нов договор за истражување во Јонското Море

Групациите HELLENiQ ENERGY и Chevron потпишаа нов договор за заедничко истражување на јаглеводороди во рамки на постојната концесија за Блокот 10 што се наоѓа во морскиот дел на Кипарискиот Залив, во јужниот дел на Јонското Море во Грција. Согласно договорот, Chevron ќе стекне 70% удел во концесијата и ќе ја преземе улогата на оператор, додека HELLENiQ ENERGY ќе задржи 30% од сопственичкиот удел.

Со потпишувањето на новиот договор, HELLENiQ ENERGY и Chevron дополнително ја зајакнуваат својата стратешка соработка во регионот, заеднички учествувајќи во вкупно пет концесии за истражување на јаглеводороди во морските подрачја на Грција. Во моментот, истражувањата во Блокот 10, на кој се однесува новиот договор, влегуваат во својата втора фаза. Претходно беа завршени 2Д и 3Д сеизмички испитувања кои овозможуваат подетално разбирање на геолошките структури и проценка на потенцијалните идни активности за дупчење. По повод потпишувањето на најновиот договор, главниот извршен директор на HELLENiQ ENERGY, Андреас Сиамисис, изјави:

„Влегувањето на Chevron во Блокот 10 дополнително го зајакнува нашето постојно партнерство и ги усогласува интересите на двете компании во сите блокови во јужниот Јонски регион, создавајќи значително поголема истражувачка област во која заеднички учествуваме. Флексибилноста на нашето портфолио, заедно со можноста за работа на поширока концесиска површина, претставуваат клучни фактори за привлекување на водечките меѓународни енергетски компании и за создавање потенцијални синергии. Работата што ја реализиравме во Блокот 10 во изминатите години овозможи посеопфатна проценка на неговиот потенцијал и го поддржа влезот на Chevron во поширокото портфолио. Прилагодувањето на нашиот сопственички удел ја одразува нашата стратегија за активно управување со истражувачките средства како динамично портфолио, каде што сопственичката структура може да се менува во согласност со променливите околности. Нашата доследна реализација на оваа стратегија, во комбинација со значајната работа што е завршена досега и зајакнатата соработка со надлежните институции, создаде соодветни услови за ваков тип трансакции, носејќи позитивни резултати за нашата компанија, за Грција и за поширокиот регион“.

HELLENiQ ENERGY е една од водечките интегрирани енергетски компании во Југоисточна Европа, со активности во осум земји и диверзифицирано портфолио кое опфаќа производство, снабдување и трговија со енергија, како и развој на обновливи извори на енергија. Во земјава, HELLENiQ ENERGY е присутна преку ОКТА, која е дел од Групацијата и претставува еден од нејзините долгогодишни инвестициски и деловни потфати во регионот.

 

Најнови вести од: Македонија

Стопанската комора бара посебен статус за транспортерите – нивно изземање од шенгенските ограничувања

Посебен статус за професионалните возачи и нивно изземање од шенгенските ограничувања што важат за туристите предлага Стопанската комора како решение за проблемот со македонските транспортери.

Мисирков: Македонците да имаат македонско гледиште, одделувајќи ги своите интереси од интересите на Бугарија – „лошиот демон за Македонија“!

„Бугарската надворешна политика е главниот извор на сите наши несреќи. Затоа не може и да се зборува за некакви арнотии од Бугарија за Македонија. … Македонци! Време е да се убедиме оти лошиот демон за Македонија не е никој друг освен Бугарија. Ете зошто треба час поскоро да си ги одделиме нашите интереси од бугарските..“ – нагласува авторот на „За македонцките работи“ Крсте Мисирков во својот реферат со наслов „Имат ли се нужда од македонцки национални научно-литературни другарства?“, кој го изнесува на денешен ден, на 28 септември 1903 година во Македонското научно-литературно другарство „Св. Климент“ во Санкт Петербург (тогаш Петроград). Тогаш идеологот на македонизмот Крсте Мисирков најдиректно ја формулирал идејата дека македонското прашање мора да има сопствен македонски глас. Истапувајќи на денешен ден пред 123 години како национален мислител од највисок ранг тој се залага Македонија да не биде предмет на туѓи политики, а Македонците сами да ја одредуваат сопствената национална и политичка позиција на Балканот – вонвременски завет и предупредување од исклучително значење во ова „евроинтеграциско време-невреме“ за македонскиот народ.

To top