Регион

Пак отворен нафтоводот Солун-Скопје

Повторно функционира по 13 години неактивност, веќе била испорачана првата пратка, а според истите информации, во следниот период ќе следи и втората.

На последниот ден од годината беше пуштен во функција нафтоводот Солун – Скопје, соопшти извршниот директор на „Хеленик Енерџи“ („Helleniq Energy“), Андреас Сиамисис, говорејќи на настан на компанијата, објави грчката новинска агенција АНА-МПА,

Информацијата дека нафтоводот почна со работа, за дописничкаа на МИА Атина, ја потврдуваат и извори од грчката компанија.

Нафтоводот Солун – Скопје повторно функционира по 13 години неактивност, веќе била испорачана првата пратка, а според истите информации, во следниот период ќе следи и втората.

Извршниот директот на грчката компанија, на вчерашниот настан истакнал дека во суштина станува збор за еден вертикален коридор за снабдување со традиционални производи, со оглед на тоа што нафтоводот ќе пренесува дизел-гориво, кое е основниот производ во поширокиот регион.

Дополнително, според АНА-МПА, посочил дека работењето на нафтоводот ги олеснува извозите не само кон Северна Македонија, туку и кон соседните пазари како Косово, јужна Србија и Бугарија, со што се зајакнува геополитичкиот отпечаток на земјата во регионот.

Но, и дека се намалува значителниот сообраќаен метеж и оптоварувањето на животната средина во Солун, поради сообраќајот на цистерни, преку кои се вршеше снабдувањето во изминатите 13 години, односно во периодот кога работата на нафтоводот беше прекината.

Премиерот Христијан Мицкоски на крајот на ноември рече дека Владата ги презема сите чекори за ставање во функција на продуктоводот, којшто со години не е во функција и најави дека се очекува нафтоводот да почне со работа.

-Ние како држава ги спроведуваме сите чекори тој продуктовод, којшто долги години беше уништуван и којшто беше конзервиран, да биде ставен во функција. Траат испитувањата, мислам дека е веќе завршено. Треба да почнат пробите на притисок, ако не се веќе и почнати. Знам на Влада помина и ценовникот. Така што очекувам оваа година тој продуктовод да биде ставен во функција – изјави Мицкоски на крајот на ноември и посочи дека по ставањето во функција на продуктовод од Солун до Скопје компаниите се тие кои доколку најдат интерес да го користат, бидејќи како Влада не можат да го водат бизнисот на сметка на приватните компании или акционерски друштва.

Пред две години, во интервју за „Катимерини“, извршниот директор на „Хеленик Енерџи“, Сиамисис, говорејќи за нафтоводот посочи дека може годишно да пренесува 2,5 милиони тони сурова нафта и нафтени деривати (дизел, керозин и бензин).

Нафтоводот беше неактивен од 2013 година, а од 2020 година се интензивираа напорите кога беше формирана заедничка комисија за да изнајде области на поклопување меѓу инволвираните страни, во поповолна средина, за повторно да биде ставен во функција.

Најнови вести од: Регион

Атина и Софија потпишаа Меморандум за враќање на 48 реликвии во Грција и пренесување на останките на цар Самоил во Бугарија

Меморандум за разбирање со кој во Грција се враќаат 48 реликвии од два грчки манастири и од една црква што над 100 години биле изложени во Националниот историски музеј во Софија, а Грција ќе ѝ ги предаде на Бугарија останките на цар Самоил, потпишале денеска министрите за култура на двете земји, Лина Мендони и Евтим Милошев, јави дописничката на МИА од Атина.

Стерјовски на Самитот за мир во Тирана: Нашите идентитети не треба да бидат ѕидови што нè делат, туку мостови што нè поврзуваат“

Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, учествуваше на Меѓународниот самит за мир, што се одржа во Тирана, посветен на темата „За верскиот соживот во Албанија“. Тој истакна дека верскиот соживот претставува една од значајните вредности на албанското општество, која треба да се зачува и да им се пренесе на идните генерации.

Кога стартува ЕТИАС и што значи тоа за македонските граѓани?!

Македонските граѓани кои планираат патувања во земјите од Европската Унија наскоро ќе соочат со уште една нова административна процедура пред да тргнат на пат. По пристапувањето кон Влезно-излезниот систем на ЕУ (EES), вниманието на јавноста и патниците од регионот се насочува кон ЕТИАС (ETIAS) – електронскиот систем за овластување за патување, наменет за сите државјани […]

To top