Регион

Со извик „Алаху Акбар“ и со два ножа нападнал жандарм

Припадникот на Жандармеријата го неутрализирал напаѓачот во самоодбрана, но притоа се здобил со полесна повреда – исеченица на лицето нанесена со еден од ножевите користени во нападот

 

 

Ивица Дачиќ, заменик-премиер и министер за внатрешни работи (во технички мандат), соопшти дека синоќа во Белград , 15 минути по полноќ, се случил терористички напад насочен кон припадник на Жандармеријата, кој ја обезбедувал Амбасадата на Израел.

„Малолетник – чиј идентитет сè уште не е утврден, но постои основано сомневање дека е од Шабац – извикувајќи ’Алаху Акбар‘, се нафрлил врз припадник на Жандармеријата и го нападна со два ножа“, соопштија утрово од Министерството за внатрешни работи на Србија (МВР).

Министерот Дачиќ, изјави дека припадникот на Жандармеријата го неутрализирал напаѓачот во самоодбрана, но притоа се здобил со полесна повреда – исеченица на лицето нанесена со еден од ножевите користени во нападот.

„Истрагата е во тек, а сите детали ќе бидат познати подоцна вечерва. Со оглед на тоа што на наша територија се случи терористички напад, а во својство на министер за внатрешни работи – функционер одговорен за вакви прашања – го подигнав нивото на закана од тероризам на највисоко можно ниво, т.н. ’црвено‘ ниво“, појасни Дачиќ.

Тој прецизираше дека тоа подразбира засилени безбедносни контроли и зголемено присуство на полицијата на локации од посебно стратешко значење, вклучително и инфраструктурни објекти и места каде што се собираат голем број луѓе.

Дачиќ исто така рече дека иако идентитетот на напаѓачот сè уште не е утврден, тој бил следен од безбедносните служби и познато е дека бил поддржувач на Исламската држава.
„На својот профил на Инстаграм, тој имаше истакнато црно знаме и амблемот на Исламската држава“, изјави Дачиќ како што пренесуваат српски медиуми.

Најнови вести од: Регион

To top