Спорт

Дарио Ивановски втор на Белградскиот маратон! (ВИДЕО + ГАЛЕРИЈА)

Најдобриот македонски маратонец и олимпиец единствен од Европа во топ-10, остави четворица Кенијци веднаш зад себе

Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски ги освои срцата на љубителите на кралицата на спортовите во главниот град на Србија, кои со бурен аплауз и со овации му честитаа за минувањето втор низ целта на 39. Белградски маратон како единствен Европеец меѓу најдобрите десетмина и оставајќи четворица Кенијци веднаш зад себе!

Најдобриот македонски маратонец и олимпиец ја истрча патеката од 42,2 километри за 2:09,35 часа, што е вториот најдобар резултат во неговата кариера по државниот рекорд на Македонија во негова сопственост од 2:08,26 ч. што го постави во Севилја на 18 февруари 2024 година.

Пред 28-годишната гордост на скопската општина Илинден, кој за својот најдобар резултат сезонава во најтешката атлетска дисциплина е награден со 3.000 евра од организаторот, финишира само победникот Гада Гемсиса Гудета од Етиопија со време 2:09,11 ч., а на третото скалило од победничкиот пиедестал се искачи Јохана Ерот од Кенија со 2:09,55 ч.

Македонскиот успех на оваа трка го надополни 20. место на Мартин Трајановски со 2:45,44 ч.

На предјубилејното издание на еден од најпрестижните маратони во регионот настапија над 14.000 натпреварувачи.

Видео од доделувањето на медалите на линкот и од пристигнувањето на целта на линкот.

Најнови вести од: Спорт

Најнови вести

To top