Македонскиот боксер Ален Рустемовски на убедлив начин го почна својот настап на Европското првенство во Софија, декласирајќи го Беник Мелкумјан од Луксембург со 5:0 во категоријата до 60 килограми.
Европскиот вицешампион до 23 години од минатата година во Ереван и освојувач на бронзен медал на Медитеранските игри во Таранто неодамна во осминафиналето в понеделник ќе ги вкрсти ракавиците со Вилијам Хјуит од Англија, кој беше слободен на стартот.
В недела на рингот во „Асикс арената“ треба да се појави и Илчо Костовски, кој во осминафиналето во категоријата до 90 кг за противник ќе го има Андреј Заплитњи од Молдавија.
На првенството што се одржува од 17 до 25 септември учествуваат над 400 боксери во машка и во женска конкуренција.