Фудбалерите на Бродмедоу меџик му се придружија на Престон лајонс како втор клуб на Македонците што ќе се натпреварува во Австралискиот шампионат.
Бродмедоу меџик две кола до крајот го обезбеди првото место по основниот дел од НПЛ Северен НЈВ, со што обезбеди настап во втората по ранг лига во земјата, чие второ издание ќе се одржи наесен.
Клубот од предградието на Њукасл во Нов Јужен Велс е формиран во 1966 година како Њукасл Македонија и во грбот носи дел од македонското национално знаме со Сонцето од Кутлеш.
Бродмедоу меџик како квалификант и Престон лајонс (некогашна Престон Македонија) како коосновач на Австралискиот шампионат ќе бидат дел од 16 екипи што ќе се натпреваруваат од 16 октомври до 12-13 декември во првенството веднаш под елитната А-лига.
„Два горди клуба на македонската заедница ќе се натпреваруваат во едно од водечките национални фудбалски натпреварувања во Австралија. И двата клуба можат да се пофалат со богата историја и уживаат силна поддршка од македонските заедници во Њукасл и во Мелбурн. Нивниот успех е доказ не само за нивните настапи на теренот, туку и за трајниот придонес на Македонците од Австралија во растот и во развојот на фудбалот низ целата земја.
Честитки до Бродмедоу меџик и до Престон лајонс за достигнувањето на оваа значајна пресвртница. Нивната квалификација е извор на гордост за пошироката македонска заедница, со надеж дека повеќе клубови основани од Македонци кои се натпреваруваат на највисоките нивоа на австралискиот фудбал ќе ги следат нивните стапки“, соопшти австралискиот огранок на Светскиот македонски конгрес.