Шкендија е суспендирана од настап во Купот на Македонија во наредната сезона 2026/2027, а Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Македонија го казни клубот од Тетово и со вкупно 105.000 евра за низа прекршоци на неодамнешното финале со Силекс, во кое кратовци славеа со 1:0.
„Дисциплинската комисија при ФФМ донесе одлука со која ФК Шкендија се казнува со парична казна во висина од 15.000 евра поради користење на пиротехнички средства на финалниот натпревар од Купот на Македонија помеѓу ФК Силекс и ФК Шкендија. Дополнително, ФК Шкендија се казнува со 10.000 евра поради националистички скандирања и слогани со навредлива содржина на национална основа, како и со 20.000 евра поради истакнување транспарент со нацистичка содржина, за што веќе беа казнети од УЕФА.
Клубот ФК Шкендија е казнет со 30.000 евра и исклучување од натпреварувањето во Купот на Македонија за сезоната 2026/27 поради одбивање да ги прими медалите на свечената церемонија, како и поради деградирачки и непочитувачки однос кон официјалните лица и противничката екипа.
Покрај тоа, на ФК Шкендија му е изречена казна од 30.000 евра и забрана за присуство на публика на следните четири домашни натпревари поради непочитување на националната химна, односно исвиркување и дискриминаторски однос за време на финалниот натпревар од Купот на Македонија“, соопшти Комисијата.
Освојувачот на Купот, Силекс, е казнет со 5.000 евра за користење пиротехнички средства во финалето со Шкендија.
Дисциплинската комисија го казни Вардар со 15.000 евра поради навредливо скандирање од навивачите и несоодветна прослава на титулата од страна на фудбалерите. Воедно, Комисијата поведе постапка против новиот шампион на Македонија поради користење пиротехнички средства во последното коло со Шкендија.