Браво за Шкендија – го совлада со пресврт Браво со 3:1, го анулира поразот од 2:1 во Словенија и избори пласман во третото квалификациско коло од Конференциската лига на УЕФА, останувајќи единствениот претставник од Македонија на европската сцена.
Гостите поведоа преку Јакослав Станковиќ по 17 минути игра на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, правејќи ја задачата на тетовски „црвено-црни“ уште посложена, но учесникот во групите од ова натпреварување во минатата сезона оттогаш фрли сè на една карта и најпрвин во 36. минута израмни со автоголот на Гашпер Јован.
Косовскиот напаѓач Алмир Круезиу во 50. минута го доведе домашниот тим во водство, а голот за пробив во следната рунда две минути пред крајот беше дело на златната резерва Марко Ѓорѓиевски.
Врз него беше направен и прекршокот што претходеше на акцијата за третиот погодок, а по влегувањето во игра во 74. минута погоди пречка и за малку не беше прецизен во следниот обид.
Противник на Шкендија во следното коло ќе биде подобриот меѓу Хибернијан од Шкотска и Малишево од Косово.