Свет

Ѓорге Иванов на меѓународен симпозиум во Британскиот парламент

За време на посетата, оствари средба со Нус Гани, заменик-претседател (Deputy Speaker) на Долниот дом на Обединетото Кралство

Поранешниот претседател, Ѓорге Иванов, учествуваше на Меѓународниот симпозиум за културна дипломатија во организација на Институтот за културна дипломатија и Шкотскиот форум. Настанот се одржа во Парламентот на Обединетото Кралство во периодот од 12-15 јануари 2026 година.

За време на посетата, претседателот Иванов оствари средба со Нус Гани, заменик-претседател (Deputy Speaker) на Долниот дом на Обединетото Кралство.

Иванов се обрати на сесијата „Културна дипломатија во современите меѓународни односи“ (Cultural Diplomacy in Contemporary International Relations), при што се осврна на историското значење на 1776 година како година на раѓање на политичката и економската слобода преку Декларацијата за независност и делото „Богатството на народите“ на Адам Смит. Тој истакна дека слободата не е трајно освоена придобивка, туку одговорност која бара постојана грижа, институционална доверба и активна вклученост на граѓаните. Економската слобода, нагласи Иванов, мора да биде праведна и одржлива, насочена кон подобрување на животот на луѓето, а не кон продлабочување на нееднаквостите. Во таа насока, тој посочи дека моралната и културната димензија на слободата се неопходни за зачувување на човечкото достоинство, при што културната дипломатија има незаменлива улога во градењето дијалог, доверба и меѓусебно разбирање во време на глобални поделби. Според него, токму преку културата, малите и средни држави како Република Македонија можат да ја засилат својата меѓународна видливост, да ја раскажат сопствената приказна и да обезбедат почит во меѓународната заедница.

Во рамките на форумот, Иванов учествуваше и на сесијата „Финансии, отпорност и лидерство во управувањето со современите економии“ (Finance, Resilience and Leadership in Governing Modern Economies).

На настанот учествуваа бројни истакнати меѓународни претставници и членови на двата дома на парламенот на Обединетот Кралство меѓу кои: Мигел Анхел Моратинос, заменик-генерален секретар на Обединетите нации и висок претставник на Алијансата на цивилизациите на ОН (UNAOC); Баронесата Манзила Удин, членка на Домот на лордовите на Обединетото Кралство; Ирина Бокова, поранешен генерален директор на УНЕСКО; Сенаторката Шери Рехман, поранешна министерка за климатски промени на Пакистан; Нихал Саад, директор на UNAOC; Ив Летерм, поранешен премиер на Белгија; Томас Хендрик Илвес, поранешен претседател на Естонија; Алфред Гузенбауер, поранешен канцелар на Австрија; Хасан Диаб, поранешен премиер на Либан; Мохамад Штаје, поранешен премиер на Палестина; Наталија Гаврилица, поранешна премиерка на Молдавија и Младен Иваниќ, поранешен претседавач со Претседателството на Босна и Херцеговина.

Најнови вести од: Свет

Бугарската „Кралица на трепките“ и нејзиниот соработник пуштени на слобода по затворските казни за шпионажа за Русија

Британските медиуми наведуваат дека двајцата биле ослободени согласно законските правила, по издржување на задолжителниот дел од казната, по што веднаш биле депортирани од Обединетото Кралство.

To top