Новите несогласувања меѓу Пекинг и Вашингтон околу развојот на вештачката интелигенција се продлабочуваат откако Кина остро се спротивстави на повиците за ограничување на нејзиниот пристап до најнапредните технологии. Кинеското Министерство за надворешни работи реагираше на ставовите на извршниот директор на „Антропик“, Дарио Амодеи, кој побара американската влада да ги задржи ограничувањата за продажба на најнапредните чипови и опрема за производство на вештачка интелигенција во Кина. Според Амодеи, евентуалното технолошко водство на Кина би било сериозна закана за САД и за светот.
Пекинг, пак, порача дека конфронтацијата и острата конкуренција можат да му наштетат на глобалното управување со вештачката интелигенција.
- „Ширењето страв, конфронтацијата и жестоката конкуренција само ќе го нарушат процесот на глобално управување со вештачката интелигенција, што не е во ничиј интерес“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Гуо Џиакун, повикувајќи на отворена и инклузивна соработка.
Амодеи истовремено повика на глобално забавување на развојот на вештачката интелигенција. Тој предупреди дека рој „агенти“ на вештачката интелигенција би можел да го преземе интернетот во следните шест до 12 месеци доколку развојот продолжи без забавување. Според него, за усогласување на темпото на развој ќе биде неопходна и соработка со Кина. Кинеските компании во последниот период развија моќни модели на вештачка интелигенција, кои според некои критериуми се споредливи со американските, а често се поевтини за користење.
Во меѓувреме, Вашингтон и Пекинг се обвинуваат и за технолошки практики поврзани со напредните модели. Американските агенции тврдат дека кинески компании се обидувале да извлечат, односно да „дестилираат“, способности од американски модели како Клод на „Антропик“ и Џи-Пи-Ти на „ОпенАИ“. Кина ги отфрла овие обвинувања и го обвинува Вашингтон дека се обидува да воспостави монопол во индустријата. Темата се очекува да биде меѓу прашањата за кои ќе разговараат американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг на 24 септември.