Нов бран на тензии меѓу Пакистан и Авганистан следува по воздушните удари што денеска пакистанските сили ги извршија врз три куќи на авганистанска територија. Владата на Талибанците во Кабул соопшти дека во нападите загинале девет лица, меѓу кои жени и деца, додека пакистанските власти тврдат дека биле погодени засолништа на терористи и дека биле убиени 22 лица што ги опишуваат како терористи.
Нападите биле изведени во покраините Кунар и Хелманд. Портпаролот на талибанската влада, Забихула Муџахид, изјавил дека покрај загинатите, дополнително биле повредени 11 лица.
„Го осудуваме овој чин како агресија и злосторство што ги крши сите прифатени принципи“, изјавил Муџахид.
Пакистанското Министерство за информирање соопштило дека воздушните напади биле извршени врз основа на „уверливи разузнавачки податоци“ и дека биле погодени засолништа на терористи на две локации.
Од министерството тврдат дека целите биле „прецизно уништени“ и дека според првичните информации биле елиминирани 22 терористи. Пакистанските власти додаваат дека во нападите биле уништени и значителни количества оружје и муниција што се наоѓале во засолништата.
Тврдењата на двете страни засега не можат независно да бидат потврдени.
Тензиите меѓу соседните земји повторно се зголемуваат по минатомесечниот напад на милитанти врз полициски објект во северозападен Пакистан, во кој загинале 24 лица.
Пакистан и Авганистан во февруари влегоа во еден од најтешките меѓусебни судири во последните години. Некогашните сојузници сè почесто се соочуваат поради активноста на милитантни групи.
Исламабад го обвинува Кабул дека им дава засолниште на милитантите кои извршуваат прекугранични напади. Талибанската влада ги отфрла овие обвинувања и тврди дека милитантните групи се внатрешен проблем на Пакистан.
Во текот на изминатите две недели Пакистан извршил неколку воздушни напади врз Авганистан, тврдејќи дека биле погодени терористички кампови. Кабул, пак, настојува дека во нападите настрадале цивили.
Авганистанското Министерство за одбрана во неделата соопштило дека неговите сили убиле 28 милитанти и раниле 32, откако група за која тврдат дека била составена од борци на Исламската држава навлегла на авганистанска територија од Пакистан. Исламабад ги негира овие тврдења.