Свет

Почина оскаровецот Робер Дувал, познат по улогите во „Кум“ и „Апокалипса сега“

Дувал се женеше четирипати, но никогаш не доби деца

Роберт Дувал, легендарниот американски актер кој играше во серија филмски класици како „Кум“, „Апокалипса сега“, „МЕШ“, почина на 95 години.

„Боб почина мирно во својот дом, окружен со љубов и удобност. За светот, тој беше актер, режисер, раскажувач, добитник на Оскар. За мене, тој беше едноставно сè. За секоја од неговите бројни улоги, Боб им даде сè на своите ликови. Правејќи го тоа, тој ни остава нешто трајно и незаборавно на сите нас“, објави неговата сопруга Лусијана Дувал на Фејсбук, пренесуваат странските медиуми.

Дувал е можеби најпознат по улогата на Килгор во „Апокалипса сега“, но остави огромно влијание и како Том Хаген во „Кум“ и „Кум 2“, осамениот Бу Радли во „Да се убие птицата подбивница“ и многу споредни и карактерни улоги. Беше номиниран седумпати за Оскар, освојувајќи го еднаш, за најдобар актер во 1984 за „Нежна милост“, играјќи кантри пејач кој се обидува да го надмине алкохолизмот.

Роден во Сан Диего во 1931 година, Дувал учел драма на колеџ во Мисури и на кратко се приклучил на војската. Во 1955 се запишал во актерското школо „Нејбрхуд плејхаус“ во Њујорк, во генерацијата со Џејмс Кан, Џин Хекман и Дастин Хофман. Постојано работел на телевизија и театар пред да ја добие својата прва филмска улога, како мистериозниот Бу Редли во „Да се убие птицата подбивница“ во 1962.

Малите улоги во „Булит“ и „Човекот наречен храброст“ ја зацврстија неговата репутација, но улогата во „МЕШ“ му донесе пошироко внимание.

Дувал ја зацементираше својата врска со холивудскиот нов бран со улогите во „Кум“, „Кум 2“ (во третиот дел не глумеше зашто барал преголема плата) и „Апокалипса сега“, по што стана едно од најпознатите лица во светот на филмот и продолжи редовно да снима разни жанрови и во следните децении. Како режисер дебитираше во 1983 со драмата „Анџело, моја љубов“, по што сними уште три филма.

Во 1992 ѝ се врати на телевизијата со насловната улога во серијата „Сталин“, последната филмска улога ја оствари во 2022. Во 2015 стана најстариот актер номиниран за Оскар, за најдобра споредна улога во „Судијата“.

Дувал се женеше четирипати, но никогаш не доби деца.

 

Најнови вести од: Свет

Трамп негира дека САД останале без “одредени видови’ муниција

Неговата изјава дојде неколку часа по извештајот на „Вашингтон пост“ дека има тензии во Белата куќа и Пентагон поради намалените залихи на некои високопрецизни ракети и антиракетни пресретнувачи по долготрајната воена кампања против Иран

81 година по првата атомска бомба, но не и последна

Само два дена подоцна, втората нуклеарна бомба го нападна Нагасаки на 8 август 1945 година. Во двете експлозии загинаа околу 120.000 луѓе, а сличен број починаа подоцна од повреди од изгореници и радијација, а зад себе оставија 650.000 преживеани

Ако буџетот е во минус – нема плата за функционерите

Мерките се однесуваат и на највисоките нивоа на власт, вклучувајќи го самиот претседател, потпретседателот, министрите, замениците итн. – сите тие нема да примаат плати сè додека не се елиминира буџетскиот дефицит

To top