Свет

„Политико“: ЕУ ги менува правилата за проширување, за да не биде блокирана, а угледот на Урсула Лаен е на коцка!

„Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен се подготвува за борба со главните градови на ЕУ околу плановите за прием на нови членки. Taa има само неколку седмици да ги убеди дека може да се справува со опасностите од проширување на евроблокот. Угледот на Урсула фон дер Лаен е на коцка.“ – пишува денешното утринско издание „Плејбук“ на бриселскиот аналитички портал за европски прашања „Политико“ во својата статија со наслов „Операција за одблокирање“.

Долгиот пат до членство

Натаму овој бриселски медиум за европски прашања истакнува: Црна Гора се надева дека ќе се приклучи до 2028 година. Украина и Молдавија планираат да ја следат, а Исланд размислува дали да ги обнови преговорите. Додека владите на ЕУ јавно го поддржуваат нивното приклучување, земји како што се Франција, Германија и Холандија изразија противење на пребрзото пристапување, загрижени дека новите членки би можеле да ги променат своите влади и потоа да ги блокираат клучните политики – како што се случи со Унгарија под поранешниот премиер Виктор Орбан.

„Постои причина зошто проширувањето трае со децении. Стравот е дека внесуваме внатре ‘тројански коњ“ – рече дипломат од една сомничава земја.

Угледот на Урсула Лаен е на коцка

 И покрај тоа што претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен постојано инсистира дека проширувањето е геополитичка неопходност, таа се изложува на опасност за време на нејзиниот мандат Европската Комисија во најдолгиот период од својата историја да нема примено нови членки, ако не може да го деблокира системот пред да ја напушти функцијата во 2029 година. Плановите на Урсула фон дер Лаен за брз прием на Украина и другите земји-кандидатки во Европската Унија би можеле да бидат загрозени, ако таа не успее да ги убеди сите земји од ЕУ да ги одобрат новите правила за проширување.

Европската комисија подготвува нацрт-измени на правилата за идните членки на ЕУ, кој треба да им биде претставен  на европските лидери на самитот на 15 октомври 2026 година. Цел на реформата е да се одговори на загриженоста кај земјите-членки дека по проширувањето ќе станат уште потешки донесувањето одлуки и распределбата на ресурсите во рамките на евроблокот. Брисел има намера да ги разјасни правата и обврските на новите членки и да воспостави механизми, со кои би им се одзела можноста да ги блокираат одлуките на ЕУ. Конечните детали за овие механизми сè уште не се познати.

Нацрт-планот за забрзување на постапката за пристапување оценет како неизведлив

Марта Кос, европската комесарка за проширување, потврди дека се подготвуваат предлози.„Комисијата наскоро ќе претстави предлози за тоа како да се подготви за проширена Унија.“ – рече Кос, додавајќи дека е потребно да се „зајакне политичката поддршка меѓу сите 27 земји-членки“. Но, претходниот обид на Европската комисија да го забрза проширувањето веќе наиде на отпор од земјите на ЕУ. Претставниците на земјите-членки во март побараа од Бјорн Зајберт, шефот на кабинетот на Урсула фон дер Лаен, да ги промени предлозите, бидејќи нацрт-планот за забрзување на постапката за пристапување беше оценет како неизведлив.

Црна Гора веќе започна со подготовка на својот договор за пристапување, додека Украина, Молдавија, Албанија и другите кандидати продолжуваат да работат на реформите. Но, натамошниот напредок зависи целосно од политичките одлуки на земјите од ЕУ, а тој процес во моментов е во застој. „Направивме сè што можевме на техничко ниво. Сега се потребни одлуки на политичко ниво.“ – рече еден дипломат од земја, која го поддржува натамошното проширување на ЕУ.

Во меѓувреме, и покрај заминувањето на Виктор Орбан, Унгарија сè уште не се согласила да ги отвори сите преговарачки кластери за Украина и Молдавија, велат изворите. Според еден извор, октомврискиот самит се смета како можност да се засили  притисокот врз Будимпешта. Одлуките за проширување на ЕУ и за клучните фази од преговорите за пристапување бараат согласност од сите земји-членки. Унгарија постојано се спротивставуваше на забрзаниот прием на Украина во ЕУ и го блокираше напредокот на Киев во преговарачкиот процес.

Октомврискиот самит би можел да биде важен момент за иднината на проширувањето на ЕУ

Дебатата добива дополнителна тежина по забрзувањето на пристапните процеси за Украина, Молдавија и земјите од Западниот Балкан. Украина на 15 јуни годинава го отвори првиот преговарачки кластер, кој ги опфаќа фундаменталните области, меѓу кои правосудството, основните права и финансиската контрола. Сепак, отворањето на кластерите само по себе не значи дека членството е загарантирано или дека е утврден конкретен рок за пристапување. Колку може да трае процесот покажуваат и примерите на земјите кандидати.

Црна Гора преговара со ЕУ од 2012 година и досега ги има отворено сите 33 поглавја, но 2028 година и натаму се наведува само како можен датум за членство, под услов да бидат исполнети сите обврски. Примерите ја продлабочуваат поделбата меѓу земјите кои проширувањето го сметаат за геополитички приоритет и оние кои предупредуваат дека приемот на нови членки без претходна реформа на институциите на ЕУ може дополнително да го отежни функционирањето на Унијата. Токму затоа октомврискиот самит би можел да биде важен момент за иднината на политиката на проширување на ЕУ, не само за тоа кои земји и кога би можеле да станат членки, туку и под кои услови ќе се одвива нивниот прием.

Најнови вести од: Свет

Тајландски функционер убиен во неговата канцеларија од поранешен пратеник

Вооружен човек уби тајландски функционер во канцеларија на локалната самоуправа на периферијата на главниот град Бангкок во понеделникот, соопштија властите, неколку дена откако пукањето во училиште во истата покраина повторно ја разгоре дебатата за контрола на оружјето.

Дали британскиот премиер ќе поддржи создавање „Европска конфедерација“ што би ја вклучила и Македонија?!

Британскиот премиер Енди Бернам доби предлог од поранешен член на Конзервативната партија во оваа земја, за создавање „Европска конфедерација“ во која би била вклучена и Македонија.

To top