Свет

Рускиот амбасадор во САД Александар Дарчиев ненадејно почина

Причините и околностите околу смртта сè уште не се објавени

Рускиот амбасадор во САД Александар Дарчиев почина ненадејно на 66 години, соопшти денес Министерството за надворешни работи на Русија. Тој ја извршуваше должноста амбасадор во Вашингтон од март 2025 година.

Руското МНР ја потврди смртта, но засега не ги соопшти причините, ниту околностите под кои починал. Дарчиев поголемиот дел од кариерата го посветил на односите меѓу Русија, САД и Канада.

Претседателот Владимир Путин го именуваше за амбасадор на 6 март 2025 година, откако функцијата беше упражнета речиси пет месеци. Неговиот претходник Анатолиј Антонов го напушти Вашингтон во октомври 2024 година.

Назначувањето дојде во период кога Москва и Вашингтон се обидуваа да ги обноват дипломатските контакти по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа. Американската страна претходно го одобри неговото назначување.

Александар Дарчиев е роден на 14 мај 1960 година. Дипломирал историја на Московскиот државен универзитет во 1983 година, а во дипломатската служба влегол во 1992 година. Работел како истражувач на американската политика.

Во руската амбасада во Вашингтон служел во два наврати – од 1997 до 2002 и од 2005 до 2010 година. Потоа бил амбасадор во Канада од 2014 до почетокот на 2021 година, а потоа раководел со одделот за Северна Америка во руското МНР.

Зборувал англиски и француски, а за својата работа ги добил Орденот за пријателство и Орденот за чест.

Најнови вести од: Свет

To top