Пекинг потврди дека Си Џинпинг и неговите колеги од САД и Русија – Доналд Трамп и Владимир Путин – ќе го одржат својот прв трилатерален самит во четврток во Шенжен, пренесува АФП.
„На 19 ноември, кинескиот претседател Си Џинпинг ќе одржи средба на шефовите на држави на Кина, Русија и САД, заедно со рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, во Шенжен“, соопшти кусо Министерството за надворешни работи во понеделникот.
Во соопштението не беа наведени дополнителни детали, вклучително и кои теми ќе бидат предмет на разговор на оваа историска средба во градот во јужна Кина.
Се очекува средбата да се одржи на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (APEC), кој е закажан за среда и четврток.
Кремљ и Белата куќа, исто така, потврдија дека трилатералната средба ќе се одржи.
Американски претставници изјавија дека Трамп има намера да разговара за намалување на нуклеарните арсенали и да го покрене прашањето за „неговата војна во Иран“ – иако не се очекува да ја допре темата за руската војна во Украина.
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер откри дека, за време на неодамнешната средба, Си бил иритиран кога било предложено трилатералните разговори да го опфатат и прашањето за Украина. „Тој експлицитно посочи дека ова е европски конфликт, во кој мора да учествуваат и Европејците“, изјави Штајнмаер за телевизиската мрежа АРД (ARD).
Што се однесува до нуклеарното разоружување, Кина долго време инсистира САД и Русија прво да ги намалат своите огромни нуклеарни арсенали, пред Пекинг да се согласи на преговори во врска со сопствениот нуклеарен потенцијал.