Свет

Трамп со рекордно ниска доверба меѓу Американците

Падот се должи на наглиот раст на цените на горивата предизвикан од војната со Иран и со него растот на трошоците за живот

Довербата на Американците во претседателот Доналд Трамп падна на најниско ниво откако се врати во Белата куќа во јануари, покажа нова анкета на Ројтерс/Ипсос.

Рејтингот на одобрување на Трамп падна од 40 проценти во анкетата минатата недела на само 36 проценти во најновата анкета, спроведена помеѓу 20 и 23 март.

Падот во голема мера се должи на наглиот раст на цените на горивата предизвикан од војната со Иран и последователниот раст на трошоците за живот, што беше централна тема на неговата претседателска кампања во 2024 година, забележа Ројтерс.

Само 25 проценти од испитаниците во најновата анкета ги одобруваат мерките на Трамп за контрола на инфлацијата.

Поддршката за него меѓу републиканците останува генерално стабилна. Само 20% од анкетираните републиканци не го одобруваат работењето на Трамп како претседател. Но, уделот на републиканците кои не ги одобруваат мерките на Трамп за контрола на инфлацијата се зголеми за 7 процентни поени во однос на претходната недела на 34%.

Рејтингот на одобрување на Трамп беше 47% во првите денови од неговото претседателствување, а од минатото лето главно се движи околу 40%. Падот на јавната доверба може да се должи на војната во Иран, со оглед на тоа што Трамп се врати во Белата куќа ветувајќи дека ќе избегне „глупави војни“, истакнува Ројтерс.

Уделот на Американците кои ги одобруваат нападите врз Исламската Република падна од 37% во претходната анкета на Ројтерс/Ипсос на 35% сега. Неодобрувањето е 61%, во споредба со 59% во претходната анкета.

Анкетата на Ројтерс/Ипсос е спроведена онлајн меѓу 1.272 возрасни лица од САД од сите региони на државата, со маргина на грешка од плус или минус 3 процентни поени.

 

Најнови вести од: Свет

Чувајте дома храна за 3 дена, заедно со ќебиња, готовина, батериска ламба…

Кампањата „Биди подготвен“ (Be Ready) ги поттикнува граѓаните да направат залихи што ќе им овозможат да преживеат 72 часа без пристап до стандардните услуги и комунални добра, а иницијативата е покрената како одговор на растечката загриженост на властите во врска со последиците од климатската криза, зависноста од технологијата и заканите од непријателски настроени држави

Мерц со порака до Западниот Балкан: Ослободете се од минатото, ако сакате иднина во ЕУ!

Германскиот канцелар Фридрих Мерц повика земјите од Западен Балкан да не останат заробени во минатото, предупредувајќи дека поделбите и поларизацијата не придонесуваат за изградба на подобра европска иднина. Според Мерц, застојот во дијалогот меѓу Приштина и Белград го кочи целиот регион, поради што е неопходен итен напредок.

To top