Свет

Вашингтон погоди 90 ирански цели, Техеран возврати со напади врз бази во Кувајт и Бахреин

Трамп предупредува на „уште посилен“ одговор, Техеран цели во американски бази во Персискиот залив

Конфликтот меѓу Соединетите Американски Држави и Иран влезе во нова, уште поопасна фаза откако американските сили извршија серија воздушни напади врз ирански воени цели, а Техеран веднаш возврати со удари врз американски воени објекти во регионот.

Според соопштението на американската Централна команда (CENTCOM), во операцијата биле погодени вкупно 90 воени цели. Целта на акцијата, како што се наведува, била да се намали способноста на Иран да го попречува меѓународниот поморски сообраќај низ Ормускиот теснец.

Иранските државни медиуми јавија за силни експлозии во повеќе стратешки локации, меѓу кои Бандар Абас, Чабахар, Конарак, Сирик и Бушер – каде се наоѓа и иранската нуклеарна централа. Во нападот врз еден аеродром загинал еден пожарникар, соопштија локалните власти.

Како одговор, Иранската револуционерна гарда објави дека извршила напади врз американски воени бази во Кувајт и Бахреин. Од Техеран предупредија дека доколку американските операции продолжат, ќе бидат цел и други американски бази во регионот.

Поради заканите од ракетни и беспилотни летала, во Кувајт, Бахреин и Катар беа активирани сирени за воздушна опасност. Кувајтската армија соопшти дека успешно пресретнала проектили и дронови насочени кон нејзината територија.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нападите се одмазда за неодамнешните ирански акции против трговски бродови во Ормускиот теснец. Тој предупреди дека „секој нов напад од Иран ќе биде проследен со уште посилен американски одговор“.

Трамп, исто така, најави можност за проширување на целите и врз иранската цивилна инфраструктура, вклучувајќи електрани, постројки за десалинизација на вода и островот Харг, преку кој се извезува најголемиот дел од иранската сурова нафта.

Во меѓувреме, Пакистан ги повика двете страни на максимална воздржаност. Исламабад оцени дека нова ескалација не е во ничиј интерес и дека треба да се почитуваат обврските од рамковниот договор за прекин на конфликтот, потпишан во јуни.

Ситуацијата останува крајно напната, а меѓународната заедница со загриженост следи дали конфликтот ќе се прошири и понатаму.

Најнови вести од: Свет

Трамп на Самитот на НАТО: Примирјето со Иран е завршено

Американскиот претседател Доналд Трамп првпат се огласи по ноќешните американски воени напади врз Иран, оценувајќи дека примирјето меѓу двете земји повеќе не постои и дека САД одговориле со силна воена акција.

To top