Свет

Загинати и повредени во нови силни руски напади врз Украина

Четири лица загинаа, а 69 се повредени во руските напади низ Украина во изминатите 24 часа

Четири лица загинаа, а 69 се повредени во руските напади низ Украина во изминатите 24 часа. Украинските власти денеска соопштија дека Одеската област била цел на масовен напад, при што биле погодени енергетски објекти, станбени згради, училиште и друга инфраструктура.

Во нападите врз Одеската област биле повредени шест лица. Еден од ударите погодил енергетски објект на компанијата ДТЕК, поради што околу 41.000 домаќинства привремено останале без електрична енергија. Значително е оштетена и административна зграда, а погодени биле автомобили, гасовод, станбени објекти и едно училиште.

Украинските воздухопловни сили соопштија дека руските сили во ноќта кон 15 ноември лансирале 132 нападни беспилотни летала, од кои 78 биле на млазен погон. Украинската противвоздушна одбрана соборила 106 дрона, меѓу кои 61 млазен. Удари со беспилотни летала биле регистрирани на вкупно 20 локации.

Во Черниговската област загинале двајца мажи на возраст од 42 и 45 години, при руски напад врз критична инфраструктура во градот Мена. Во истиот напад бил повреден и 33-годишен маж.

Во Дњепропетровската област руските сили напаѓале со дронови, ракети и артилерија во четири окрузи. Во нападите на 14 ноември загинало едно лице, а 13 биле повредени, меѓу кои и седумгодишно момче.

Во регионот на Харков повредени биле пет лица, а во селото Борова загинал 67-годишен маж.

Во Заапорожје биле повредени 32 лица, меѓу кои четири деца. Руската војска извршила вкупно 877 напади врз 48 населени места во овој регионот.

Во Сумската област биле регистрирани речиси 60 напади врз 28 населени места, при што пет лица биле повредени. Во Доњецката област биле повредени уште четири лица. Повредени се уште три лица, во Кировоградската област, каде руски дрон погодил куќа, а нападнат бил и индустриски објект.

Најнови вести од: Свет

Најнови вести

To top