Францускиот „Манифест на македонизмот“ на Анри Барбис ја зрачи сто години вистината за самобитноста на македонскиот народ, идентитет и јазик во Европа
„Навистина станува збор за една нација. Нација која има свој оригинален етнички карактер, свои традиции, свои стремежи, своја единствена и специфична личност. Овој народ, на самата почва каде што се развил и опстојувал… се третира како збир на робови и злосторници.“ – има напишано големиот француски писател Анри Барбис во својата прочуена статија „Дали македонското прашање е навистина толку сложено?“ („La question macédonienne est-elle si complexe que cela?“), која е објавена во списанието „Балканска федерација“ на 1 ноември 1926 година. Во неа Барбис нагласил дека македонското население историски било вкоренето во Македонија, но му биле одземени основните национални права. Бугарите и Грците денес со фалсификати тврдат дека Македонците се „народ без историски корени“, а Барбис пред еден век јасно го кажал сосема обратното. Уште пред сто години тој зборува експлицитно за Македонците како посебна нација, а не како дел од друга балканска нација. Анри Барбис, големиот пријател на македонскиот народ, е роден на 17 мај 1873 година во Париз, а починал на 30 август 1935 година во Москва. Оваа статија е потсетување, но и чествување на неговата личност и промакедонско дело, кое одекнало сило во неговото време во срцето на интелектуална и политичка Европа и во Балканот. Но, делото на Барбис зрачи од пред еден век како своевиден француски „Манифест на македонизмот“ силно и денес во прилог на вистината за Македонија, за самобитноста на македонскиот народ, македонскиот идентитет, јазик, култура и историја.