Предупредата на Гане Тодоровски да не ја раздадеме одново Македонија, туку да ја домакедончиме!
„Требат тони грижи на појќе поколенија / за да се истријат тие петна / на срам од себеси, од себепремолчување. … /И ако така уште постоиме, / не ќе постоиме! … / Толку се страхувам, некоја јанѕа ме јаде / да не би одново да Те раздадеме!“ – напиша Гане Тодоровски во својата монументална песна „Македонски монолог“ како негова пророчка предупреда до македонскиот народ уште во 1969 година. Уште тогаш тој кажа визионерски дека „не ќе постоиме, ако така уште постоиме, со себепремолчувања“ на сѐ што ни се случувало и што ќе ни се случува допрва. Тодоровски ни ги остава во завештание своето страхување и јанѕа дека треба и ние, денешните Македонци, силно да се страхуваме, јанѕа да нѐ јаде и нас, за да не ја раздадеме одново Македонија во име на „светлите европски перспективи“, кои ни ги нудат некои од надвор. Под услов да се откажеме овојпат трајно од своето колективно македонско „јас“, од својот идентитет, јазик, историја и култура. Со секој свој стих, со секоја своја песна Гане Тодоровски се потврдува како еден од столбовите на македонската национална самосвест. На 22 мај 2010 година се навршија 16 години од неговото заминување од овој свет. Оваа годишнина е пригода за ново вдахновување со неговите поетски аманети до македонскиот народ, кому тој му го посвети својот живот и својата поезија, со која се извиши во блескавите врвови на македонската книжевност и култура. Овој великан на македонскиот национален идентитет, на македонската духовност, им остави на Македонците творештво и и вонвременски посланија, кои моќно извираат од него. Со ова Гане се впишува во колективната македонска меморија и како еден од поетско-духовните и национални светилници за македонската сегашност и иднина.